Одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да подели 7 милијарди долари замрзнати авганистански средства како надоместок за жртвите од терористичкиот напад на 11 септември и за хуманитарна помош, предизвика бес кај Авганистанците.

Бајден вчера потпиша извршна уредба, отворајќи го патот за распределба на авганистанските средства складирани во САД за хуманитарна помош за таа земја и за компензација на американските жртви од нападите од 11 септември.

Авганистанските групи, вклучително и поранешни политичари, академици и талибанците, изразија бес поради одлуката на Бајден.

– Американската кражба и запленувањето на замрзнатите пари на авганистанскиот народ е најниско ниво на човечка и морална дезинтеграција на земјата и народот – напиша на Твитер високиот портпарол на талибанците Мохамед Наим Вардак.

Многу Авганистанци напишаа на социјалните мрежи дека Бајден краде пари од многу заслужни Авганистанци кои немаат никаква врска со тероризмот во САД.

Ниту еден Авганистанец не беше меѓу терористите вклучени во нападот на Светскиот трговски центар во Њујорк во 2001. Осама бин Ладен, лидерот на Ал Каеда, подоцна беше убиен во Пакистан.

Експертите велат дека распределбата на замрзнатите средства како што е наведено во декретот на Бајден ќе биде непоправлив удар за авганистанската економија.

– Ова во суштина им ги враќа на Авганистанците нивните сопствени пари како хуманитарна помош, а во исто време ја задушува економијата – напиша на Твитер авганистанскиот политички аналитичар и истражувач Мохсин Амин.