Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи предупреди дека евентуален нов напад врз Иран би можел да ја чини Европа многу повеќе од 100 милијарди евра, сума за која германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека европската економија и потрошувачите веќе ја платиле поради растот на цените на енергијата предизвикан од војната.
Во објава на платформата „Икс“, Арагчи потсети дека Мерц претходно ги поздравил нападите на САД и Израел врз Иран, изјавувајќи дека Израел ја врши „валканата работа за сите нас“.
– Сто милијарди евра не се ништо во споредба со разорниот удар што моќните вооружени сили на Иран ќе им го нанесат на оние што се осмелуваат да му наштетат на нашиот народ – напиша Арагчи, додавајќи дека „црвените линии се минато“.
Слична порака испрати и секретарот на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, Мохсен Резаи, кој ги критикуваше европските влади поради загриженоста за економските последици од војната.
– Кога ги поддржувавте воените злосторства, дали мислевте дека последиците нема да ве погодат? Војната и теророт имаат своја цена. Сега е вашиот ред да ја платите – напиша Резаи на „Икс“.
Мерц вчера, за време на посетата на Сеул, изјави дека зголемените цени на енергијата поврзани со конфликтот во изминатите осум месеци ја чинеле Европа повеќе од 100 милијарди евра.
Тој посочи дека Германија ги интензивира дипломатските напори за завршување на војната, оценувајќи дека конфликтот „не може да се реши со воени средства“.
Германскиот канцелар нагласи дека Европа има економски интерес конфликтот да заврши што е можно поскоро, бидејќи европската економија и потрошувачите веќе ги чувствуваат последиците од повисоките цени на енергијата.
































