Реакција во услови на кризен менаџмент во Русија

Руските власти веднаш по несреќата во рудникот за јаглен Листважнаја, во која загинаа 51 лице, уапсија пет лица, меѓу кои и директорот на рудникот Сергеј Махраков, кои се сомничат за прекршување на правилата за индустриска безбедност во случајот со експлозијата.
Како што пренесе руската агенција ТАСС, двомесечен притвор освен на директорот Махраков, исто така му бил одреден и на неговиот заменик Андреј Молостов, како и на уште тројца безбедносни инспектори, кои на првичните испитувања се изјасниле за невини по обвиненијата.
Според извештаите на медиумите за истрагата, директорот бил информиран за опасната концентрација на метан во рудниците, каде што на 25 ноември дојде до експлозија. Истражната комисија инсистираше на негово апсење, бидејќи, доколку бил на слобода, Махраков можел да влијае врз сведоците и да уништи докази или да избега од правдата, пренесоа руските медиуми. Обвинителот го поддржа барањето на истражната комисија, иако Махраков го уверувал судот дека нема намера да бега од земјата и, наместо тоа, побара домашен притвор.
Според „РИА новости“, заменик-директорот на рудникот Молостов, кој исто така беше уапсен, се изјасни за невин, но на неговото апсење инсистирал истражниот комитет, затоа што тој претходно имал купено билети за патување во странство. Обвинетиот објаснил дека со семејството планирал одмор на Малдиви, од каде што требало да се врати на 17 декември. Слично како и на двата главни менаџери на рудникот, судот им одреди двомесечен притвор и на двајца безбедносни инспектори и на уште едно лице, кои овој месец издале потврда за работа на рудникот, без да извршат увид во објектот.