САД денеска ги повика земјите членки на Советот за безбедност на ОН да се придржуваат кон Договорот за неширење нуклеарно оружје (НПТ) во период кога Америка планира да се повлече од договорот со Русија за елиминација на нуклеарните ракети со краток и среден дострел (ИНФ).

Повикот го упати заменичката државен секретар за контрола на вооружувањето и прашања за меѓународна безбедност Андреа Томпсон, која се наоѓа во посета на Пакистан.

Според неа, некои држави ја кршат спогодбата за непролиферација и развиваат нови програми за наоружување.

Договорот за неширење нуклеарно оружје од 1987 година забранува производство, тестирање и ширење земјени, крстосувачки и балистички ракети со дострел од 500 до 5.500 километри.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг претходно ја повика Русија да го почитува тој договор.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, по состанокот на руската и американската делегација одржан во Пекинг, рече дека нема никаков напредок во преговорите со делегацијата на САД во однос на прашањето за Договорот за елиминација на нуклеарните ракети со краток и среден дострел.

– За жал, нема напредок. Ставот на САД останува цврст и ултимативен, рече Рјабков.

Според него, Вашингтон ја задржува позицијата на ултиматум по прашањето за нуклеарниот договор и не е подготвен за дијалог со Русија кога станува збор за транспарентност.

– Американската страна сега се обидува да не критикува дека тоа е договорено на погрешен начин. Меѓутоа, тие сами си противречат и не покажуваат дека се подготвени за натамошни разговори за мерките за транспарентност, рече Рјабков.

Според него, Вашингтон во целост е одговорен за актуелната состојба.