Руската полиција денеска уапси стотици поддржувачи на опозицискиот водач Алексеј Навални, кој организираше протести во 90-ина градови низ земјата, во пресрет на инаугурацијата на претседателот Владимир Путин.

Навални беше уапсен на протестите во Москва, каде се обиде да им се обрати на неколкуте илјади поддржувачи. Полицајци го одвлечкаа Навални од протестот држејќи го за рацете и нозете.

– Ќе ги натераме властите, тие крадци и измамници, да ги земат предвид ставовите на милионите граѓани кои не гласаа за Путин – порача Навални набргу пред апсењето. Протестите беа организирани без дозвола, поради што полицијата реагираше да ги разбие.

Во Москва и Санкт Петерсбург дошло до судири меѓу полицијата и демонстрантите.

Според невладината организација „О-Ве-Де Инфо“, над 600 лица биле уапсени низ цела Русија. Според полицијата, на улиците на Москва излегле 1.500 демонстранти, додека западни медиуми јавуваат едека бројката изнесувала неколку илјади. Протести се организирале во Екатеринбург, сибирските градови, и низ европска Русија, секаде со истата парола, „долу со царот“.

Путин доби 56 милиони гласови на изборите во март, што е досега најдобар резултат за него, и го издејствува својот четврти претседателски мандат. На Навални не му беше дозволено да учествува на изборите поради пресудата за измама.