Полскиот претседател Анджеј Дуда за време на денешната прослава по повод Денот на Армијата на Полска изрази надеж дека САД ќе воспостават постојано воено присуство во неговата земја.

– Полска се плаши од новите манифестации на руска агресивност во Источна Европа – рече претседателот Дуда за време на денешната прослава, додавајќи дека континуираното присуство на американските сили „ќе го исплаши секој потенцијален напаѓач”.

Армијата на САД распоредува војници во Полска и другите земји од источниот блок на НАТО, дејствувајќи самостојно и како дел од Алијансата.

Претседателот Дуда рече дека би сакал, ако економската ситуација на земјата дозволи, трошоците за одбраната да се зголемат на 2,5 отсто од БДП. Целта на НАТО е два проценти од БДП, а Варшава тоа веќе го постигна.