Кризата е предизвикана од напорите на лидерката Кери Лем за усвојување во парламентот на контроверзниот закон за екстрадиција. Доколку биде усвоен, законот ќе овозможи екстрадиција на жителите и посетителите во Кина, каде што би им се судело пред судовите контролирани од кинеската Комунистичка партија, потег што за многумина во Хонгконг може да биде катастрофален за економијата и за општеството во градот. Градот функционира како регионална бизнис и трговска крстосница, која е заштитена од Кина благодарение на т.н. судски „заштитен ѕид“. Без таквата судска заштита, сите, почнувајќи од дисидентите па до бизнис-магнатите, ќе бидат изложени на голем ризик, наведува британски „Гардијан“

Политичката криза во Хонгконг трае веќе втора недела, откако демонстрантите што ги наполнија градските улици во рекорден број го отфрлија извинувањето од лидерката Кери Лем и ветија дека ќе ја продолжат својата борба против контроверзниот закон што таа го заговараше. По големите протести, на кои според организаторите учествуваа околу два милиони лица, Лем писмено се извини за начинот на кој Владата се однесуваше кон нацрт-законот за екстрадиција. Но, како што пренесува „Гардијан“, таа не ги исполни клучните барања на демонстрантите. Демонстрантите бараат Лем да го повлече законот за екстрадиција, да стави крај на прогонот на активисти и да побара одговорност од полицијата за бруталните тактики на претходните протести. Тие инсистираат и лидерката на Хонгконг да поднесе оставка. Од друга страна, кинеското МНР вчера соопшти дека Пекинг ќе продолжи да ја поддржува Лем.

Организаторите на протестите ги повикаа студентите и работниците да продолжат со демонстрациите, а опозициското движење доби во сила по ослободувањето на истакнатиот активист Џошуа Вонг, кој беше во затвор поради неговата улога како лидер на продемократските движења во 2014 година. Вонг исто така ја повика Лем да поднесе оставка, веднаш откако излезе од затворската ќелија.
– Лем повеќе не е квалификувана да биде лидер на Хонгконг – порача Вонг пред новинарите.

Кризата, како што потсетува британскиот весник, е предизвикана од напорите на Лем за усвојување во парламентот на контроверзниот закон за екстрадиција. Доколку биде усвоен, законот ќе овозможи екстрадиција на жителите и посетителите во Кина, каде што би им се судело пред судовите контролирани од кинеската Комунистичка партија, потег што за многумина во Хонгконг може да биде катастрофален за економијата и за општеството на територијата. Градот функционира како регионална бизнис и трговска крстосница, која е заштитена од Кина благодарение на т.н. судски „заштитен ѕид“. Без таквата судска заштита, сите, почнувајќи од дисидентите па до бизнис-магнатите, ќе бидат изложени на голем ризик. Веќе пристигнуваат извештаи дека некои од најбогатите жители на градот почнале со преселување на капиталот во странство, стравувајќи од влијанието на новиот закон. Лем го предложи законот и беше на чело на напорите за негово усвојување, но нејзиниот авторитет претрпе значителна штета од сегашниот исход на политичката криза.

– Нејзината влада не може да биде ефикасна влада и ќе има големи проблеми да продолжи со понатамошното функционирање. Верувам дека луѓето од централната влада во Кина ќе ја прифатат нејзината оставка – предупредува Џејмс То, пратеник-ветеран од Демократската партија.

Најголемата политичка криза во Хонгконг почна пред една седмица, кога околу еден милион лица излегоа да протестираат против законот. Лем ги игнорираше првите демонстрации, иако станува збор за најголем протест во историјата на градот. Но протестите во средата се претворија во најголемото политичко насилство откако Британија ѝ го предаде Хонгконг на Кина во 1997 година, при што полицијата со солзавец и гумени куршуми ги напаѓаше демонстрантите. Подоцна полицијата уапси стотици демонстранти, вклучувајќи и демонстранти што поради повредите се наоѓаа во градските болници.

По средбата со претставници на официјален Пекинг, Лем направи драматичен пресврт, суспендирајќи го контроверзниот закон. Но таквиот потег само дополнително го разгоре гневот на јавноста. Многу жители на Хонгконг истакнуваат дека се гневни поради суспендирањето на законот, бидејќи Лем првично тврдеше дека станува збор за одлична легислатива, го бранеше полициското насилство и инсистираше дека нејзината единствена грешка била комуникацијата, односно недоволното разјаснување на законот.

– Суспендирање на законот, а не негово откажување, е како да држите нож над нечија глава и да велите „нема да ве убијам сега, но можам да го сторам тоа во секое време“. Ние се бориме за нашата слобода – порача за „Гардијан“ 18-годишен демонстрант.
Од друга страна, шефот на американската дипломатија Мајк Помпео изјави дека претседателот Доналд Трамп ќе разговара за прашањето за човековите права во Хонгконг на можната средба со кинескиот колега Си Џинпинг на самитот на Г20, кој месецов ќе се одржи во Јапонија.


Цензура на демонстрациите и на полициското насилство

Кинеските цензори напорно работат за бришење или блокирање на вестите на најновата серија протести, кои се најголеми по демонстрациите против крвавото задушување на продемократските протести на и околу плоштадот „Тиенанмен“ во Пекинг, во јуни 1989 година, пишува „Гардијан“.

Британскиот весник наведува дека кинеските државни медиуми минимално пренесуваат за протестите, а малкуте извештаи се фокусирани на обвинувањата за „странско мешање“. Па, така, државниот таблоид „Глобал тајмс“ во воведната колумна ги предупредува САД против користењето на Хонгконг како алатка за притисок во трговските преговори.

– Безредијата во Хонгконг само ќе го консолидираат цврстиот став на Пекинг против Вашингтон – пишува „Глобал тајмс“.