За да го направи попривлечен предлогот, Трамп порача дека тој ќе резултира со милијарди долари инвестиции за поддршка на палестинската економија

Обединетите нации соопштија дека остануваат посветени на решението за две држави, засновано врз границите што постоеја пред војната во 1967 година, кога Израел ги окупира Западниот Брег и Газа. Се огласи и Европската Унија, од каде што порачаа дека Унијата останува определена за договореното и одржливо решение за две држави на Блискиот Исток

Палестинските претставници го отфрлија мировниот план на американскиот претседател за Блискиот Исток, порачувајќи дека станува збор за „заговор“. Планот предвидува формирање палестинска држава и признавање на израелскиот суверенитет над еврејските населби на Западниот Брег. Трамп порача дека Ерусалим ќе остане израелска неподелена престолнина, а палестинската престолнина би вклучувала области од источен Ерусалим. Но палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека Ерусалим не е на продажба. Планот, кој израелскиот премиер го оцени како „зделка на векот“, наиде и на остри критики од Турција, која соопшти дека тој е „мртов уште од раѓање“, пренесува Би-би-си.

– Невозможно е за кое било палестинско, арапско, муслиманско или христијанско дете да прифати палестинска држава без Ерусалим како престолнина. Илјадапати кажавме, не, не и не. Го отфрливме овој договор уште од почетокот и нашиот став е правилен – истакна Абас.

Милитантната палестинска исламистичка група Хамас, која ја контролира областа Газа, исто така го отфрли договорот, порачувајќи дека негова цел е уништување на палестинскиот национален проект. Истовремено, Обединетите нации соопштија дека остануваат посветени на решението за две држави, засновано врз границите што постоеја пред војната во 1967 година, кога Израел ги окупира Западниот Брег и Газа. Се огласи и Европската Унија, од каде што порачаа дека Унијата останува определена за договореното и одржливо решение за две држави на Блискиот Исток. Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел најави дека ЕУ сака да ги проучи и процени предложените решенија. Тој смета дека притоа треба да се земат предвид легитимните стремежи на Палестинците и Израелците, со почитување на сите резолуции на ОН и меѓународните спогодби.

Од друга страна, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го опиша планот на Трамп како „договор на векот“.
– Израел нема да ја пропушти оваа можност. Господ да нѐ благослови сите со безбедност, напредок и мир – порача Нетанјаху.
Кои се клучните точки на планот на Трамп? Прво, САД ќе го признаат израелскиот суверенитет на поголем дел од Западниот Брег, вклучувајќи ги и еврејските населби и поголем дел од долината на реката Јордан. Според планот, палестинската територија двојно ќе биде зголемена, со престолнина во источен Ерусалим, каде што Трамп најави отворање американска амбасада. Но Палестинската ослободителна организација (ПЛО) соопшти дека со планот Палестинците ќе контролираат само 15 отсто од тоа што е познато како „историска Палестина“. Со одредбата од планот дека „ниту еден Палестинец или Израелец нема да биде иселен од својот дом“ се сугерира дека постојните еврејски населби на окупираниот Западен Брег ќе опстојат и понатаму.

Досега сите најтешки аспекти од израелско-палестинскиот мировен договор, како што се границите, иднината на израелските населби на Западниот Брег, долгорочниот статус на Ерусалим и судбината на палестинските бегалци, беа оставени за решавање во директни преговори помеѓу самите Израелци и Палестинци. Но, како што оценува Би-би-си, тоа повеќе не е случај. Договорот предложен од Трамп и ентузијастички прифатен од Нетанјаху во суштина ги решава сите спорни прашања во израелска полза. Експерти оценуваат дека на Палестинците, всушност, им е даден ултиматум да ги прифатат параметрите на Трамп, за што имаат четири години да донесат одлука.
За да го направи попривлечен предлогот, Трамп порача дека тој ќе резултира со милијарди долари инвестиции за поддршка на палестинската економија.
– Нашата визија ќе донесе огромна комерцијална инвестиција од педесет милијарди долари во новата палестинска држава. Имате многу, многу земји што сакаат да учествуваат во ова – порача шефот на Белата куќа.

Трамп на Твитер објави пораки на англиски, хебрејски и арапски јазик што ги покажуваат границите на можната палестинска држава. Картите покажуваат необична крпеница на области во Западниот Брег, поврзани со патишта и градови што ги контролира Израел и планови за идните индустриски зони во делови од пустината Негев.