Две години од пожарот

Богородичната црква во Париз, уништена во пожар пред две години, повторно ќе биде отворена во 2024 година, вети вчера француската министерка за култура, Розелин Башело, најавувајќи дека јавната акција за нејзино обновување овозможила да се соберат доволно средства.

– Собрани се 833 милиони евра досега и собраната сума ни овозможува смирено да размислиме за реконструкцијата – изјави министерката во Сенатот.

„Можам да ви кажам дека во 2024 година катедралата повторно ќе се отвори“ додаде таа.

Министерката денеска треба да го посети градилиштето заедно со претседателот Емануел Макрон на втората годишнина од пожарот што делумно ја уништи Богородичната црква, која се смета за ремек-дело на готската уметност.

Вечерта на 15 април 2019 година избувна пожар во Богородичната црква во Париз, при што се урна кулата и голем дел од покривот беше уништен, но пожарникарите сепак успеаја да ја зачуваат грандиозната средновековна зграда.

Причината за пожарот сè уште не е утврдена иако истражителите ја отфрлаат идејата дека тој бил предизвикан намерно. Тие се фокусирани на краток спој или дури и на отфрлено догорче како можни причини.

Работите за реновирање допрва треба да почнат бидејќи сега се работи на обезбедување на зградата. Ова треба да заврши до лето, па вистинските реновирања да почнат на почетокот на следната година.

Целта е да се одржи првата целосна богослужба во возобновената катедрала на 15 април 2024 година и покрај одложувањата поради пандемијата.