Од ОН стигна предупредување за климата

Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) при Обединетите нации денеска издаде сериозно предупредување, во кое се наведува дека светот е близу до неконтролирано затоплување, за што недвосмислено се виновни луѓето.

– Нема сомнение дека влијанието на луѓето ја загреа атмосферата, океанот и копното – се наведува во извештајот на ИПЦЦ, што е досега најдиректното тврдење дека луѓето ги предизвикуваат климатските промени, пренесува „Ројтерс“.

Во извештајот се тврди дека речиси целото затоплување што се случило од прединдустрискиот период е предизвикано од ослободување на гасови што ја задржуваат топлината, како што се јаглерод диоксид и метан. Најголем дел од ова е резултат на согорување на фосилни горива – јаглен, нафта, дрво и природен гас.

Научниците велат дека само мал дел од порастот на температурата забележан од 19 век може да е резултат на природни фактори.

Најновата проценка е исто така драстичен пресврт во однос на претходните извештаи за ИПЦ Ц, во кои се наведуваше дека е исклучително веројатно оти индустриските активности се виновни за климатските промени.

Во извештајот, во чија подготовка учествувале повеќе од 200 автори, се разгледани пет сценарија, а заклучокот е дека за 10 години ќе се надмине температурата што светските лидери ја поставија како цел во рамките на Парискиот климатски договор.