Пандемијата на ковид-19 го намали животниот век на човештвото во 2020 година, најмногу по Втората светска војна. Дополнително за две години е намален и животниот век кај мажите во САД. Ова, меѓу другото, го покажа студија објавена од Универзитетот во Оксфорд, која е направена во 29 земји низ светот, поточно во САД, Европа и во Чиле, на темата каков е светскиот морталитет за време на корона-кризата.
Според истражувањето, очекуваниот животен век паднал за повеќе од шест месеци во споредба со 2019 година или севкупно, животниот век е намален во 27 од 29-те истражувани земји. Од универзитетот „Оксфорд“ велат дека причините за намалувањето на животниот век во различни земји може да бидат поврзани со бројот на смртни случаи од ковид-19. Досега се регистрирани речиси пет милиони смртни случаи предизвикани од новиот коронавирус, покажуваат податоците на „Ројтерс“.
– Фактот дека нашите резултати прикажуваат толку големо влијание што може директно да му се припише на ковид-19, покажува колкава штета предизвикала пандемијата во многу земји – вели д-р Риди Кашјап, еден од водечките автори на трудот. Како што пренесуваат медиумите, повикувајќи се на извештајот, во повеќето земји имало поголем пад на очекуваниот животен век за мажите отколку за жените, каде што најголемо намалување било забележано кај мажите во САД, чиј животен век се намалил за 2,2 години во споредба со 2019 година.

Севкупно, според студијата, пандемијата им го скратила очекуваниот животен век на мажите за повеќе од една година во 15 земји, а на жените во 11 земји.
Сето ова, како што се наведува во документот, го избриша напредокот во намалувањето на смртноста што беше постигнат во претходните 5,6 години на светско ниво. Во САД зголемувањето на смртноста беше главно кај работоспособното население и на возраст под 60 години, додека во Европа, смртноста кај луѓето над 60 години значително придонесе за зголемување на морталитетот. Авторот на студијата, Кашјап, ги повика повеќето земји, вклучувајќи ги и оние со низок и среден приход, да ги направат податоците за смртноста достапни за понатамошни истражувања.
– Итно повикуваме на објавување и достапност на повеќе податоци, со цел подобро разбирање на ефектите од пандемијата на глобално ниво – рече Кашјап.