Шпанската државна новинска агенција ЕФЕ објави дека се ослободени тројца нејзини новинари кои беа приведени во главниот град на Венецуела, Каракас.

Претходно беше соопштено дека биле ослободени и двајца француски новинари кои беа уапсени додека известувале за политичките превирања во Венецуела.

За двајца новинари од Чиле наредено е да се депортираат.

ЕФЕ претходно објави дека колумбискиот фотограф Леoнардо Муњос исчезнал во средата претпладне во Каракас, а оти припадници на разузнавачките тајни служби на Венецуела (СЕБИН) подоцна уапсиле и двајца новинари, Шпанецот Гонзало Домингез и Колумбиjката Морин Барига.

Шпанската Влада соопшти дека државјанин на Венецуела кој работи за шпанската новинска агенција исто така бил приведен. Тој не е идентификуван.

Кризата во Венецуела се повеќе се продлабочува. Врховниот суд му забрани на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен претседател, да ја напушта земјата, а тој повикува на нови протести.

Европскиот Парламент вчера го призна Гуаидо за претседател на Венецуела.