Припадниците на Посебната единица за поддршка (ПЕП) при Министерството за внатрешни работи добија специјалната полициска опрема. Опремата е обезбедена преку финансиската донација на Владата на Чешка Република за потребите на МВР. Првпат од постоењето на ПЕП, полициските службеници од оваа единица добија специјална полициска опрема, која ќе може да се користи во случаи на нарушен јавен ред и мир од поголем обем. Станува збор за опрема од заштитен карактер, која се користи за време на насилни протести и немири, и таа е составена од: заштитни елеци, штитници за пределот на рацете и штитници за пределот на нозете. Основната намена на оваа опрема е да се овозможи заштита на полициските службеници од повреди. Покрај опремата, извршена е и набавка на заштитни штитови за јавен ред и мир.

– Специјалната полициска опрема за припадниците на Посебната единица за поддршка претставува уште една активност во континуираните напори на МВР за подобрување на материјално-техничките услови за работа на сите припадници на полициските служби, што беше позиционирано меѓу највисоките приоритети за раководството на Министерството за внатрешни работи во последните две и пол години, за реално востановување на модерно опремена и професионално подготвена полициска служба, во согласност со сите европски стандарди – информираат од МВР.