Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од Договорот за иранската нуклеарна програма ја наруши довербата во меѓунардониот поредок, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел.

Меркел во обраќање на Собир на католиците со германско потекло во градот Минстер, изјави дека иако иранскиот нуклеарен Договор е „далеку од совршен“, сепак таа е „длабоко разочарана“ од постапката на Трамп.

– Не е исправно еден договор, кој е усвоен во Советот за безбедност на ОН и акалмативно одобрен, да биде уништен еднострано – истакна Меркел.

Трамп во вторникот објави дека САД се повлекуваат од Договорот за иранската нуклеарна програма и најави возобновување на санкциите кон Иран, кои беа укинати согласно документот.

Договорот за иранската нуклеарна програма во 2015 година го потпишаа Иран и петте постојани земји членки на Советот за безбедност на ОН – Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција плус Германија.

Со Договорот, официјално наречен Заеднички сеопфатен акциски план, Иран се согласи на ограничување на својата нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции кон земјата.