Според дел од информациите од теренот, Багдади наводно го детонирал самоубиствениот појас во текот на рацијата на американските специјалци. Се смета дека во текот на американската операција, во која биле вклучени и хеликоптери, воени авиони и дронови, американските сили влегле во престрелка со џихадистичкиот лидер

Озлогласениот лидер на Исламската држава, Абу Бакр ал-Багдади, најверојатно е убиен во голема операција на американските сили во северозападна Сирија. Иако до затворањето на весникот немаше официјална потврда од Пентагон за ликвидацијата на џихадистичкиот лидер, американскиот претседател Доналд Трамп за вчера најави прес-конференција, на која ќе соопшти „важна вест“. Трамп во саботата вечер на Твитер соопшти дека „нешто многу големо се случи“. Багдади претходно во повеќе наврати погрешно беше прогласен за мртов, пренесува Би-би-си.

Ирачката државна телевизија ја објави снимката од американскиот напад во Сирија, во кој се претпоставува дека е убиен лидерот на ИД. Според ирачки и ирански официјални лица, тој бил убиен недалеку од турската граница. На снимките може да се види дека скривницата на Багдади по нападот е целосно уништена.

Според дел од информациите од теренот, Багдади наводно го детонирал самоубиствениот појас во текот на рацијата на американските специјалци. Се смета дека во текот на американската операција, во која биле вклучени и хеликоптери, воени авиони и дронови, американските сили влегле во престрелка со џихадистичкиот лидер. Американската телевизија Еј-би-си пренесува дека во еден момент од жестоката престрелка, Багдади се саморазнел, за да не биде заробен жив.
Жител на селото Бариша во северозападната сириска провинција Идлиб во изјава за Би-би-си ја опишал драматичната воена операција што била спроведена ноќта помеѓу саботата и неделата. Според очевидецот, воени хеликоптери го почнале нападот, кој траел 30 минути, истрелувајќи повеќе проектили врз две куќи, пред да почне копнената операција на американските сили.

Со реакција се јави и командантот на Сириските демократски сили (СДС), Мазлум Абди, кој изјави дека историската успешна операција е резултат на заедничката разузнавачка активност со САД. Турција исто така соопшти дека била во координација со американската војска пред операцијата, а во соопштението на властите во Анкара се наведува дека станува збор за „добар ден за добрите момци“.

Лидерот на ИД беше опишуван како најбараниот човек на светот. Во октомври 2011 година, САД и официјално го означија како „терорист“ и понудија награда од десет милиони долари за информација што ќе помогне за негово апсење или ликвидација.

Наградата беше зголемена на 25 милиони долари во 2017 година. Багдади има репутација на многу организиран и безмилосен тактичар на военото поле. Тој е роден во близината на Самара, северно од Багдад, во 1971 година, а неговото вистинско име е Ибрахим Авад ал-Бадри.

Извештаите сугерираат дека тој бил висок свештеник во џамија во Самара пред почетокот на американската инвазија на Ирак во 2003 година. Некои експерти и официјални лица сметаат дека тој веќе бил милитантен џихадист за време на власта на бившиот ирачки лидер Садам Хусеин. Други, пак, сугерираат дека тој бил радикализиран додека бил во притвор во кампот „Бука“, американски затвор во јужен Ирак, каде што беа затворени повеќе команданти на Ал каеда.

Во 2010 година, Багдади се појави како лидер на Ал каеда во Ирак, една од групите што се споија со ИД, и ја стекна славата во текот на обидот за спојување со џихадистичката група Фронтот ал-Нусра во Сирија. На почетокот од април годинава, ИД објави видеоснимка на која тврдеше дека се наоѓа лидерот Багдади. Претходно, тој не беше забележан во јавноста уште од 2014 година, кога во обраќањето од Мосул го прогласи создавањето на „калифатот“ во повеќе делови на Сирија и Ирак.