Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија се надева оти повлекувањето на Вашингтон од нуклеарната спогодба со Иран нема никаква врска со плановите за напад на Техеран или обид за смена на сегашниот режим.

– Тешко е сега да се предвиди како ќе се одвиваат настаните. Ние би сакале да се надеваме дека американското повлекување од договорот не е поврзано со плановите за напад на Техеран, ниту, пак, обид за смена на сегашниот режим, вели Лавров во интервју за аргентинскиот весник „Кларин“. 

Тој додава дека „во секој случај сега е јасно дека оваа одлука претставува сериозна закана за глобалната и регионалната безбедност и стабилност”.

Американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот на минатата недела најави дека САД ќе се повлечат од нуклеарната спогодба со Иран и дека повторно ќе ги воведат санкциите за оваа земја и тоа од „највисок степен“.