Куба го отфрли амандманот на новиот Устав кој ќе го отвореше патот за легализација на истополовите бракови, во знак на „почит кон различните мислења“.

Комисијата која е задолжена за изготвување на новиот Устав предложи да се исфрли амандманот за легализација на истополовите бракови кој требаше да гласи дека бракот е заедница на „двајца луѓе … со апсолутно исти права и обврски“ за кој се побунија Црквата и мнозинството граѓани.

Првиот нацрт на новиот Устав, кој беше објавен во јули, вклучуваше член кој го редефинираше бракот како родово неутрален, а не помеѓу маж и жена, проект кој го промовираше ќерката на Раул Кастро, лидерот на Комунистичката партија.

Комисијата задолжена за изготвување на новиот устав на Куба го ревидираше оригиналниот нацрт за целосно да го отстрани поимот брак. Комисијата во вторникот му соопшти на Националното собрание дека прашањето за бракот, наместо во Уставот, треба да се третира во семејниот закон кој наскоро ќе се ажурира по усвојувањето на новиот Устав.

Мариела Кастро, кубанска пратеничка и ќерка на шефот на Комунистичката партија, Раул Кастро, се залага за вклучување на хомосексуалниот брак во процесот на уставни реформи.

Реформата опфаќа широк спектар на современи промени во кубанскиот Устав од 1976 година, кој беше наменет за економија од советски вид. Комунистичката Влада полека ги воведува пазарните реформи и се обидува да поттикне поголема интеракција со глобалната економија.

Хомосексуалноста беше прогонувана во годините по револуцијата од 1959 година, предводена од семејството Кастро, но Куба и стави крај на политиката против хомосексуалноста и забрани дискриминација на работното место по таа основа. Мариела Кастро стана истакнат активист за правата на хомосексуалците.