Бројот на жртви од коронавирусот во Кина достигна 811, а само вчера биле регистрирани нови 89 смртни случаи, пренесоа светските агенции, цитирајќи ја Националната здравствена комисија.

Вчера беа потврдени и 2.656 нови случаи на заразени со коронавирус, со што вкупниот број на заразени достигна 37.198 лица, пренесоа агенциите.

Од посочените 89 нови смртни случаи во текот на последните 24 часа, 81 лице биле жители на провинција Хубеј, каде е епицентарот на заразата.

Од вкупниот број на досега загинати, 780 потекнуваат од оваа провинција, каде има вкупно 27.100 заразени.

Со последните потврдени податоци, бројот на жртвите од новиот коронавирус го надмина бројот на починати од епидемијата на САРС во периодот од 2002-2003 година, забележува ДПА. Од САРС умреа 774 луѓе, а ширум светот беа заразени над 8.000. Како и коронавирусот и оваа епидемија започна од Кина.

Сепак некои стручњаци велат дека бројот на новопријавените заболени од коронавирус во последните 24 часа опаднал во однос на претходниот период, што можеби е знак дека забавува ширењето на вирусот.