Поради ескалацијата на израелско-палестинскиот конфликт, воздушните и ракетните напади од двете страни, се огласи пратеникот за Блискиот Исток на Обединетите нации (ООН), Тор Венесланд, кој испрати апел до нив „веднаш да го прекинат огнот“ и истакна дека „состојбата може лесно да ескалира во целосна војна“. Во меѓувреме, израелскиот министер за одбрана Бени Ганц порача дека „ова е само почеток“ на израелските напади, додека лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, нагласи дека „ако Израел сака да ескалира насилството, тие се подготвени да возвратат“. За жал, насилството и ваквата реторика не се ништо ново во конфликтот во кој загинаа илјадници лица само во последните десет години.
Бирото за координација на хуманитарни прашања на ООН го следи бројот на жртви во конфликтот од 2008 година, а податоците покажуваат дека до 2020 година загинале 5.600 Палестинци, додека 115.000 биле повредени. Од друга страна, во истиот период загинале 250 Израелци, а повредени биле 5.600 лица. Насилството особено се разгоре во 2014 година, кога Израел ја спроведе операцијата „Нескршлива карпа“ во Газа, како одговор на киднапирањето и убиството на тројца тинејџери. Офанзивата траеше седум недели, а во неа загинаа над 2.000 лица, од кои повеќето беа жители на Газа. Големи протести исто така избувнаа во 2018 година, по должината на границата меѓу Израел и Газа, во кои беа повредени над 28.000 Палестинци.