Кинескиот претседател Си Џинпинг предупреди дека независноста на островот би била катастрофа. Си вети засилени напори за мирно обединување, во согласност со принципот „една Кина“, што го прифаќа Тајван како дел од Кина

Кинескиот претседател Си Џинпинг порача дека Пекинг не се откажува од употребата на сила против Тајван, предупредувајќи дека независноста на островот би била катастрофа. Си Џинпинг вети засилени напори за мирно обединување, во согласност со принципот „една Кина“, што го прифаќа Тајван како дел од Кина.

– Сите луѓе на Тајван мора јасно да разберат дека тајванската независност ќе донесе само голема катастрофа за Тајван. Подготвени сме да создадеме широк простор за мирно обединување, но нема да оставиме простор за какви било сепаратистички активности. Не ветуваме дека ќе се откажеме од употреба на сила и ја задржуваме опцијата за преземање на сите неопходни мерки. Ова прашање е внатрешна работа на Кина и нема да дозволиме мешање од страна – додаде кинескиот лидер во говорот по повод 40-годишнината од клучниот политички документ за прашањето на Тајван.

Тајван, како што наведува „Гардијан“, е најчувствителното прашање за Кина и Пекинг го смета за своја света територија. Си Џинпинг го засили притисокот врз демократски владеаниот остров откако Цаи Инг-вен од пронезависната Демократска напредна партија беше избрана за претседател во 2016 година. Тој порача дека Кина е подготвена да разговара со секоја страна на Тајван за придвижување на политичкиот процес, кој е запрен од Кина откако Цаи стапи на функцијата, сѐ додека го прифаќа принципот „една Кина“.

Британскиот весник оценува дека Си Џинпинг се обидува да го убеди народот на Тајван дека нема зошто да се плаши од кинеското управување, и покрај тоа што поголемиот дел Тајванци не сакаат да бидат управувани од автократски Пекинг.
– По мирното обединување, Тајван ќе има траен мир и народот ќе ужива добар и напреден живот. Со поддршка од големата татковина, добросостојбата на тајванските сограѓани ќе биде подобра, а просторот за нивен развој ќе биде уште подобар – порача Си.

Цаи, која тврди дека сака да ја одржи состојбата статус кво со Кина, во вторникот истакна дека Кина мора да ги искористи сите мирољубиви средства за решавање на нејзините разлики со Тајван и да ги почитува неговите демократски вредности. Пекинг, според „Гардијан“, редовно испраќа воени авиони и бродови да кружат околу островот на маневрите во изминатите години и го зголеми притисокот врз Тајван на меѓународно ниво.