Според информациите објавени во магазините што пишуваат за безбедносни теми, најголемите суперсили, Русија од една страна и НАТО и САД од друга страна, за време на пандемијата ги зголемуваат своите можности за подводни битка во атлантските и медитеранските води

За време на светската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, Русија ги зголемува можностите за подводни битка, а тоа е директен предизвик за силите на САД и НАТО во атлантските и медитеранските води. За ова во своја анализа предупредува американскиот портал „Бизнис инсајдер“, кој неодамна посвети статија на модернизираната воена морнарица на Русија. Авторот на прилогот истакнува дека по кризата во 1990-тите, на Русија делумно ѝ појде од рака да ја прероди моќната флота наследена од Советскиот Сојуз. Новата флота за која рускиот претседател Владимир Путин низ годините настојуваше да ја крене на ниво што ќе биде задоволително да одговори на предизвиците на Западот е помала од старата, но во исто време е крајно модернизирана. Таа сега, според податоците што ги изнесува „Бизнис инсајдер“, има околу 360 пловила од сите видови. Помалите ракетни крстосувачи и разурнувачи се заменети со помали бојни бродови, како корвети и фрегати.
– Тие главно градат подморници и помали бродови. Тоа се пред сѐ сили на крајбрежната одбрана, иако може да транспортираат и трупи во странство. Корветите од класите „каракурт“ и „стерегушчиј“ им даваат поддршка на поголемите фрегати со наведувани ракети, како што се „Адмирал Горшков“ и „Адмирал Григорович“.

Многу од тие бродови според габаритот се помали од сличните во НАТО, но, сепак, се во предност затоа што имаат нови технологии и ново вооружување, особено крстосувачката ракета „калибар“ – вели за американскиот магазин Марк Кансијан, виш советник во Центарот за стратегиски и меѓународни истражувања и поранешен полковник на американската морнаричка пешадија.
Според аналитичарот, оваа крстосувачка руска ракета може да се спореди со американската „томахавк“. Таа има боева глава тешка 450 килограми и дострел од 1.500 до 2.500 километри, а може да се користи против поморски цели.

Најголемата сила на Русија е скриена под вода

Во меѓувреме, како што наведува магазинот, во Русија во моментов во функција се и бродовите од повисоката класа наследени од СССР. Тие го потсетуваат целиот свет дека Русија и понатаму е голема военопоморска сила. Но она што е интересно е што најголемата моќ на воената морнарица на Русија, како и нејзината советска претходничка, е скриена под вода. Според медиумот, руската подморничка флота сега има над 60 подморници, од кои 12 се нуклеарни подморници со балистички ракети и девет се нуклеарни подморници со крстосувачки ракети. Во таа насока, Москва не се определи за изградба на мали подморници, иако тие се значително поевтини, пред сѐ со оглед на важноста што нуклеарното оружје ја има во руската одбранбена доктрина. Токму во тој контекст, подводната флота во иднина ќе биде заснована на подморниците од класите „бореј“ и „јасен“, кои постепено ги заменуваат претходните модели. Направени се по Студената војна и се смета дека тоа се најдобрите подморници што кога било ги имала Русија. Не заостануваат со ништо зад подморниците од ист ранг што ги поседуваат НАТО и САД.

– Подморниците од класата „бореј“ имаат по шест торпедни апарати и по 16 нови балистички ракети РСМ-56 „булава“. Секоја ракета има 6-10 нуклеарни боеви глави и дострел од околу 9.000 километри. Подморниците од класата „јасен“ имаат по 10 торпедни апарати и осум вертикални лансери од кои може да се лансираат крстосувачки ракети „калибар“ или противбродски ракети П-800 „оникс“. Сите овие подморници докажаа дека можат долго да се кријат од радарите на НАТО, што ќе биде сериозен предизвик за Западот во наредната деценија – анализира Џефри Едмонс, истражувач од Центарот за поморски сили во САД.

Ерата на американската воена надмоќ сѐ уште трае

Сепак „Вашингтон пост“ неодамна напиша дека ерата на воената надмоќ на САД сѐ уште трае. Според американскиот весник, воената надмоќ на Америка над другите држави на море иако во моментов е недостижна, сепак доколку Вашингтон во наредните години не издвои средства за нејзина модернизација, таа би можела да стане слаба, бидејќи нејзината главна сила, големата флота носачи на авиони, го губи значењето. Според извештајот што го објави Центарот за нова американска безбедност, во моментов тешко некој да им се спротивстави на американските носачи на авиони. Земјите како Кина, Иран и Русија во последниве години спроведоа сериозна модернизација на своите оружени сили и техниката на вода, што иако до некаде ја нивелира предноста на САД, таа сѐ уште е неприкосновена.