Четири лица загинаа при вооружен инцидент во болница во американскиот град Чикаго, кој според локаланата полиција не претставува чин на тероризам.

Според очевидци, инцидентот започнал кога вооружен маж пукал кон жена на паркинг пред болницата. Тие се движеле заедно на паркингот, кога мажот се свртел кон жената и неколку пати ја застрелал во градите. Откако таа паднала, тој застанал над неа и продолжил да пука.

Полицијата соопшти дека убиената жена работела како лекарка во болницата и била вереница на напаѓачот. Медиумите тврдат дека убиството следело по расправија меѓу нив, при која убиецот барал од жртвата да му го врати вереничкиот прстен.

Потоа вооружениот маж влегол во болницата и почнал да пука по случаен избор. Притоа, биле ранети четири лица, меѓу кои и полицаец и една стажантка, кои подоцна им подлегнале на здобиените повреди.

Последната жртва е напаѓачот, кој на крајот бил пронајден мртов по куса претрелка со полицијата. Полициски извори соопштија дека засега не може да се потврди дали напаѓачот бил ликвидиран од страна на полицијците или извршил самоубиство.

Портпаролот на полицијата на Чикаго, Антони Гулиелми информира дека инцидентот се случил во болницата „Мерси“.

Во Чикаго минатата година биле регистрирани 675 убиства.