Ураганот Ајда се приближува до американската сојузна држава Луизијана. Според американските медиуми, Луизијана кон крајот на денот ќе биде погодена од силата на „големиот и крајно опасен ураган“.

Американскиот национален центар за мониторинг на урагани објави дека ураганот се засилил до категорија 4 (од максимум 5). Ветрот дува со брзина од 209 километри на час и е на пат кон Њу Орлеанс.

Ураганот Ајда ќе стигне на американско тло на 16-годишнината од катастрофалниот удар на ураганот Катрина, кој поплави 80 отсто од Њу Орлеанс, остави 1.800 жртви и предизвика штета од повеќе милијарди долари.

– Жителите на Луизијана имаат време до вечер да се подготват за ураганот Ајда. Ова ќе биде најсилниот ураган што ќе ја погоди Луизијана од 1850 година. Се ближи вашето време за бегство. Брзо се приближува. И, како што реков вчера, кога ќе легнете вечерва, бидете подготвени и бидете таму каде што планирате да се справите со бурата за време на ударот – препорача гувернерот на Луизијана, Џон Бел Едвардс.

Претходно, американскиот претседател, Џо Бајден, одобри вонредна состојба во Луизијана. Ураганот вчера ја премина западна Куба.