Воените суперсили, слично на некогашната трка за развој на нуклеарно вооружување,
сега се натпреваруваат за развој на борбени орудија со електромагнетен префикс

Нови трендови во воената индустрија

Воените машинерии на глобалните суперсили никогаш не мируваат во својот подем, дури ни во моменти кога светот се соочува со пандемијата на коронавирусот. Во контекст на актуелните случувања, за забележување се последните информации публикувани од светските медиуми, кои имаат заеднички именител истакнувајќи дека главен тренд на развојот на воените индустрии во светот во моментов се токму софистицираните електромагнетни оружја. Токму во овој момент развојот на електромагнетното оружје и понатаму е во првите редови на повеќе држави, меѓу кои се светските супермоќници како САД, Кина, Русија, Турција и други.

Што е „е-бомба“?

Во сублимиран заклучок, според натписите во светските медиуми, оваа нова форма на модерно оружје преставува механизам што со својата детонација ги „исклучува“ сите форми на електрични уреди, а ефектите од испуштениот електромагнетен пулс може да предизвикаат дури и физичко оштетување на објектот, односно уредот. Руската новинска агенција „Спутник“ информира дека развојот на електромагнетното оружје и понатаму е во предните планови на речиси сите моќни светските армии бидејќи технолошкиот развој во оваа наменска индустрија во денешницата го достигната нивото потребно за производство на овој сосема нов тип оружје. Според медиумот, електромагнетното оружје, уште познато како „е-бомба“, е дизајнирано да ослободи електромагнетен пулс со висока моќност на радиобранови или микробранови.
– Во зависност од енергијата на електромагнетниот пулс, ефектите може да се движат од оневозможување на обично електронско коло до физиолошки ефекти кај оние што се изложени на електромагнетниот пулс – пишува агенцијата „Спутник“.

Америка пред сите

Во меѓувреме, најмоќната држава во светот Америка предничи и во оваа глобална трка за вооружување. Имено, според реномираниот портал „Фајт-глобал ком“ САД биле првите што создале примероци на електромагнетно оружје за масовно уништување уште во 2001 година, кое било ставено во редовна употреба на тамошната војска. Според магазинот, на овој чин му претходеле серија истражувања, кои датираат многу порано, а во 2012 година била тестирана ракета со електромагнетна бомба како дел од проектот ШАМП, додека една година подоцна бил тестиран копнен систем за електронско сузбивање беспилотни летала. Порталот додава дека американските научници заклучиле дека воениот систем ВМАДС (систем што електронски ги исклучува возилата) истовремено може да ја загрее кожата на лицето до прагот на болка (околу 45 степени Целзиусови), со што ефективно го дезориентира и човечкиот непријател.

Кремљ го следи пулсот на иновациите

Од друга страна, генералскиот врв во Кремљ во овој правец по ништо не заостанува пред конкурентните во Пентагон, па руските медиуми информираат дека развојот на електромагнетното оружје и понатаму е приоритет за Русија, која за оваа намена одвоила над 45 милијарди американски долари за финансирање на програмата за државно вооружување за 2011-2020 година.
– Програмата вклучува развој и производство на напади и одбранбени системи што користат извори на електромагнетно зрачење – пишува „Русија денес“ (РД).
Ова финансирање предизвика вистински бум кај развивачите и производителите на ова оружје. Во 2014 година, Русија создаде и успешно тестира комплекс за сузбивање на непријателската електроника наречен „алабуга“, што е ракета што за боева глава користи генератор на високофреквентно осцилирање со голема моќност. Генераторот се активира на надморска височина од 200-300 метри над позициите на непријателот и ефективно ја погодува својата електроника во радиус од 3,5 километри. Теренските тестови покажаа висока ефикасност. Сепак, параметрите, па дури и приближните карактеристики на комплексот „алабуга“ не се откриваат.
– Во последниве години, Русија разви повеќе од десет електронски системи за војување, вклучувајќи и „алгурит“, „меркур-БМ“ и семејството „красуха“, како и станиците „борисоглебск-2“ и „москва-1“ – истакнува РД.

Кина ја има својата „е-бомба“ – „СКВИД – лигња“

Иако на глобално ниво во трката предничат САД и Русија, и суперсилата на Истокот Кина има своја програма со која се обидува да го следи чекорот во развојот на ова супермодерно оружје. Во тој правец може да се наведе информацијата дека лани Кина најави дека го поседува својот најголем воен буџет во историјата на земјата, а дел од тие финансии со сигурност ќе се пренаменат за развој на оружени системи од оваа област. Според информациите објавени на интернет-енциклопедијата Википедија, програмата на Кина наменета за развој на овој тип оружја носи кодно име „СКВИД – лигња“. Колку оружјата во Кина се ефикасни сведочи изјавата на професорот за меѓународни студии на Пекинг Јин Канронг, кој за медиумите изјавил дека армискиот врв во Пекинг го употребил своето електромагнетно оружје во неодамнешниот судир со индиските војници на југот од земјата.

Турски „Рокетсан“ разви систем за насочување на енергијата

Националната новинска агенција „Анадолија“ (АА) на оваа тема известува дека Турција на големо е вклучена во трката за развој на модерни оружја. Тамошната одбранбена компанија „Рокетсан“ развила воен систем за насочување на енергијата попознат како „алка“. Според медиумот, станува збор за иновативен систем што се користи во борбата против тероризмот, најчесто при неутрализација на дроновите. Според новинската агенција, системот „алка“ ја насочува енергијата на оддалеченост и до четири километри, а има способност да ја уништи целта на далечина од 500 метри и се смета дека овој мобилен систем е идеално решение за станбената противвоздушна одбрана на критичните објекти, како што се бродовите, командите, базите, пристаништата но и други стратегиски објекти.