Цените на енергентите нагло растат, додека економиите излегуваат од пандемијата, притоа побарувачката се зголемува, а резервите се намалуваат. Европа ги затвора термоцентралите на јаглен како дел од својот план за целосно укинување на јагленот до 2030 година. Резервите на гас се многу пониски од вообичаеното, а зголемената зависност на континентот од ветерна енергија се покажа како слабост, бидејќи ветровите од Северно Море беа најслаби во последните две децении.
Ограничена е испораката од Русија, која сочинува 40 отсто од вкупниот увоз на гас во Европската Унија (ЕУ). Членовите на Европскиот парламент побараа да се отвори истрага дали „Газпром“ намерно ја намалил испораката за да врши притисок за одобрение на гасоводот „Северен тек 2“. Резервите на природен гас во Европа останаа на ниско ниво за време на сезоната на нивна обнова (од април до октомври), а според официјалните податоци, заклучно од 4 октомври годинава има 829,99 терават-часа, струја или резервите се на 75,05 отсто.
Ладното време на крајот на грејната сезона 2020-2021 година и студениот бран во април доведоа до дополнително трошење на резервите на почетокот од годинава.