Западот секогаш ја гледа Русија како закана, иако таа повеќе не е хегемон

Многумина во Европа очекуваат дека стапувањето на Џо Бајден на функцијата претседател на САД ќе донесе големи промени во трансатлантските односи. Колку е реално тоа, додека Брисел не може да се справи со сопствените безбедносни проблеми на Истокот, останува да се види

Нови ветришта во безбедносните политики на двете страни од Атлантикот

Едно од подолгорочните верувања во надворешната политика на двете страни на Атлантикот е дека Европа не може да се справи со сопствените безбедносни проблеми и затоа мора да се потпре на заштитата на САД. Иако европските лидери и експерти за одбрана зборуваа за поголема стратегиска автономија и повремено сугерираа дека Стариот Континент треба да ги земе нештата во свои раце, сепак тешко може да исчезне ставот дека безбедноста во Европа на крајот од денот зависи од „Чичко Сем“. Ова во своја анализа го наведува угледниот магазин „Форин полиси“, во која пишува дека и покрај заладените односи од неодамнешниот шпионски скандал во кој американските разузнавачки служби ги прислушувале европските политичари, Америка силно се залага да биде конструктивен партнер на Европа во секое поле, а особено во безбедноста.
Сепак иако нациите во Европа се соочуваат со неколку безбедносни проблеми, единствената закана за континентот за која можеби е важна американската воена моќ е директниот можен воен судир со Русија. На хартија, Европа има повеќе од доволно латентна моќ да се справи со тој проблем. Но европските членки на НАТО имаат население од над 500 милиони луѓе. Европејците се исто така многу поздрави, со тоа што нивниот просечен животен век е приближно 82 години. Комбинираниот БДП на НАТО за Европа е повеќе од 15 илјади милијарди долари додека БДП на Русија е само 1,7 илјади милијарди долари што е помалку од оној на Италија. Во таа насока европските членки на НАТО трошат три до четири пати годишно повеќе во одбраната за разлика од Русија, па магазинот запрашува зошто тогаш е потребна помошта од САД за Европа.

„Длабоко присуство на САД“

Експертите Хуго Мејер и Стивен Брукс неодамна објавија заеднички став во академскиот журнал „Интернешенел секјурити“, дека Европа сама не може да изгради цврста одбрана.
– Ако САД сакаат стабилна Европа, тие мора да продолжат со своите политики на „длабоко присуство“ и да останат како главен безбедносен гарант на Стариот Континент. Од своја страна, Европејците треба да се откажат од стратегиската автономија, да усвојат поумерени одбранбени амбиции и да продолжат да се потпираат на Америка – оценуваат Мејер и Брукс. Според аналитичарите, тие нивниот заклучок го темелат врз три главни аргументи. Прво, тие велат дека постојните капацитети на Европа се толку дефицитарни што ќе бидат потребни огромни и долготрајни напори да го постигнат потребното ниво. Второ, според експертите, Русија денес е многу поспособна отколку што покажуваат споредбите на БДП, населението или одбранбените трошоци, најмногу затоа што нејзините вооружени сили се потпираат на лошо платени регрути, а производителите на оружје под притисок ја ставаат рубљата. Но вистинскиот проблем, според Мејер и Брукс, е „стратегиската нерамнотежа“ во Европа. Затоа, САД се неопходни за да го задржат европското внимание насочено кон руската опасност и да ги обезбедат воените капацитети што Европејците не се во состојба да ги реализираат.

Капацитетот на Европа

Меѓутоа ниту едно од тврдењата не одговара на реалната состојба. На Европа ќе ѝ биде потребно време да ги реши сегашните недостатоци и да се подготви за разни сценарија, додека САД постепено го повлекуваат военото присуство, пишува на истата тема „Нешенл интерест“ Според магазинот, континентот сепак располага со светска индустрија за производство на оружје, напредни капацитети за вселенско лансирање сателити и ракети, воена експертиза и во секое време може да го набави потребното оружје од Америка. На европските држави ќе им требаат помалку од десет години за да ги развијат своите конвенционални сили што би можеле да ги одбранат од руски напад.
– Дел од високообразовната работна сила на Европа може да се обучи за одбранбени мисии многу побрзо од кои било други платеници. Искуството со претходните војни покажува дека современите земји можат за многу пократко време да ги консолидираат силите доколку постои вистинска иницијатива – анализира магазинот.

Американскиот безбедносен чадор

Сè додека Европа е под безбедносниот чадор на САД, европските елити може повеќе да се фокусираат на внатрешните предизвици. Меѓутоа аналитичарите се со став дека тие не знаат како ќе реагира Европа ако се тргне безбедносниот чадор. Се шпекулира дека таквиот чин би имал умерен ефект, но со сигурност ќе има последици доколку се повлече или намали безбедносната гаранција, која 75 години беше во сила. Ако Русија навистина е голема закана за Европа, како што сметаат експертите, тогаш таа би требало да вложи поголем труд за да може да го одржи чекорот со Москва, а Брисел веќе има значителна предност во однос на латентните ресурси. Од друга страна, европските елити се едногласни за американската поддршка, бидејќи им годи на штрек да имаат моќен сојузник што во секое време е подготвен да одговори на сите закани. Западните аналитичари сметаат дека американското повлекување е можно само ако Европејците ја гледаат Русија како главна закана и се подготвени да преземат чекори за да се спротивстават.