Шведската активистка, Грета Тунберг, сепак планира да оди на овогодинешната глобална конференција за климата во Глазгов, откако Британија понуди да ги вакцинира сите делегати.

Тунберг претходно рече дека ќе ја прескокне конференцијата, што го објасни со загриженоста дека нееднаквата достапност на вакцини за одредени земји ќе го спречи нивното безбедно присуство на конференцијата во ноември, пишува Би-би-си.

– Реков претходно дека нема да одам ако не е фер, но сега кажаа дека ќе ги вакцинираат сите делегати што ќе дојдат. Ако тоа се смета за фер и безбедно, тогаш, се надевам да присуствувам – рече Тунберг.

Таа во неделата ја сподели својата слика од насловната страница на списанието „Вог“ и ја критикуваше масовната мода што многумина ја гледаат како нешто за еднократна употреба.

Осврнувајќи се на потребата од промена на системот, Грета вели дека модата не може масовно да се произведува и консумира во однос на тоа како светот е обликуван денес, пишува „Ројтерс“.

Според Обединетите нации, за модната индустрија се верува дека е втора по ред во однос на загадувањето на планетата.

Модната индустрија секоја година произведува околу 93 милијарди кубни метри отпадна вода и е одговорна за околу 8 проценти од светските емисии на јаглерод, покажуваат проценките на ОН.

Грета вели дека последен пат купила нова гардероба пред три години и дека тоа биле парчиња половна облека, односно втора рака.

– Исто така често позајмувам работи од луѓе што ги познавам – објасни Тунберг.