Одлуката на Северна Кореја веднаш да ги прекине нуклеарните и ракетни тестирања претставува чекор во вистински правец, но таа мора да ја разоткрие својата нуклеарна и ракетна програма, изјави денеска германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас.

– За да влеземе во сериозен политички процес за целосна денуклеаризација на Северна Кореја, сепак е неопходно Пјонгјанг да следи специфични чекори и целосно да ја разоткрие својата нуклеарна програма, но на проверлив начин, истакна Мас.

Тој додаде дека тоа барање е „согласно очекувањата на меѓународната заедница“.

Северна Кореја соопшти денеска дека прекинува со тестирањето на балистички ракети со голем дострел и планира да ги затвори полигоните за нуклеарни проби. Пјонгјанг се одлучи на таков потег со цел одржување на „националниот фокус“ и подобрување на економијата.

Инаку, севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, како што е најавено, ќе се сретне со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин во погранично село следниот петок, додека одвоен состанок на Ким со американскиот претседател Доналд Трамп е предвиден во мај или јуни.