Лидерот на опозицијата во Венецуела, Хуан Гвидо, кој ја предводи кампањата за соборување од власт на претседателот Николас Мадуро, изјави дека му дал инструкции на својот претставник во Вашингтон, Карлос Векиo итно да започне комуникација со американската војска.

Гвидо, кој е поддржан од САД, истакна дека побарал од Векио да започне „директни комуникации“ поради можни координации.

Тој додаде дека ги држи отворени „сите опции на маса“ за соборување од власт на Мадуро. Венецуелските безбедносни сили неодамна го уапсија вториот човек на венецуелскиот опозициски „конгрес“ Едгар Самбрано, по неуспешниот обид за воен удар минатата недела.

Владата на Венецуела соопшти дека Самбрано и осум други припадници на опозициското движење се обвинети за предавство на татковината и поттикнување бунт поради нивните улоги во минатонеделните немири.

Претседателот Мадуро изјави дека тој е мета на американски заговор, објаснувајќи дека понудата на американскиот претседател Доналд Трамп да ги укине санкциите за припадниците на воените сили кои ќе се спротивстават на својата Влада претставува „навреда на нивната чест и достоинство“.