Според многумина, младите момчиња и 25-годишниот тренер покажаа голема храброст и херојство во тие тензични денови

Целиот свет со недели нетрпеливо го очекуваше епилогот од неверојатната приказна за спасувањето на 12-те деца и тренерот од пештерата во Тајланд. За среќниот крај, заслуги има целата армија тивки херои што учествуваа во извлекувањето на младиот фудбалски тим. Кои се нуркачите што први стигнаа до децата? Кој е лекарот што остана со нив во пештерата и им помогна да преживеат? Кој е нуркачот што го даде својот живот за да се спасат? Кои се волонтерите што им помагаа на спасувачите додека ги извлекуваа децата? Конечно, кои се децата и тренерот што успеаја да го преживеат тринеделниот пекол? „Нова Македонија“ во фељтон во повеќе продолженија нуди одговори на овие прашања за чудото од поплавената тајландска пештера

На 23 јуни, дванаесет момчиња и нивниот тренер влегоа во пештера по фудбалскиот тренинг во северен Тајланд. Момчињата, кои беа дел од тимот Диви свињи, заглавија во пештерата откако поројни дождови го поплавија пештерскиот комплекс Там Луанг и им ја блокираа маршрутата за излегување. По повеќе од две недели, спасувачките тимови и нуркачи успеаја безбедно да ги извлечат момчињата, на возраст од 11 до 16 години, и тренерот. Во продолжение следуваат животните приказни на дел од младите момчиња, кои, според многумина, покажаа голема храброст и херојство во тие тензични денови, преполни со неизвесност, и 25-годишниот тренер.
Најмладиот играч од тимот што заглави во пештерата беше 11-годишниот Чанин Вибулрунгранг. Вибулрунгранг игра на напаѓачката позиција. Тој почнал да тренира фудбал на седумгодишна возраст, по што се приклучил во училишниот спортски клуб. Вибулрунгранг подоцна добива покана да биде дел од фудбалскиот клуб Диви свињи.

Одбранбениот играч Панумас Сангди исто така ги помина тешките мигови со Вибулрунгранг. Сангди (13), според главниот тренер на тимот Нопарат Кантавонг, е поголем од преостанатите деца на негова вредност, но многу е агилен. За напаѓачот и капитен на тимот, Дуганпет Промптеп, постои голем интерес кај неколку професионални клубови во Тајланд. Промптеп (13) е познат како голем мотивирач и е почитуван од тимот поради неговите фудбалерски вештини.
– На играчите на теренот им е потребен капитен како него, бидејќи понекогаш тренерот не може да се вклучи за да ги реши нивните проблеми – вели Кантавонг.
Адул Сам-он игра на бековската позиција, а со семејството го напуштил соседен Мјанмар за да добие подобро образование во Тајланд. Тој зборува тајландски, бурмански, кинески и англиски јазик, и беше единствениот што можеше да комуницира со британските нуркачи, кога групата првпат беше откриена. Четиринаесетгодишниот одбранбен играч исто така е талентиран одбојкар и е дел од локалниот тим, кој две години по ред го освојува второто место во северен Тајланд. За 13-годишниот Сомепонг Јаивонг неговите наставници зборуваат дека е весело момче, кое го сака фудбалот и сите преостанати спортови. Јаивонг сонува да стане дел од државната репрезентација на Тајланд.

Уште еден играч што се доселил од Тајланд е Монгкол Бунеам. Бунеам (12) и неговата мајка се преселиле од Мјанмар на Тајланд. Тој е познат како весело, енергично и многу пријателско момче. Исто како и Сам-он, и Бунеам игра одбојка и се дел од истиот одбојкарски тим.
Седумнаесетгодишниот Перепат Сомпиангај исчезна со соиграчите и тренерот токму на својот роденден. Според извештаите од теренот, момчињата влегле во пештерата за да го прослават неговиот роденден. Тие со себе донеле закуски и пијалаци за прославата на роденденот. Се претпоставува дека овие резерви ѝ помогнале на групата да издржи толку денови заглавена во пештерата. Семејните пријатели го опишуваат Прајак Сутам (15) како многу паметно и тивко момче. Покрај училиштето и фудбалот, Сутам вредно се грижи и за неговата двегодишна сестра.
Светските медиуми пренесоа повеќе информации за младиот тренер Екапол Чантавонг. Пред да стане тренер, Чантавонг поминал неколку години како будистички свештеник и научил како да се зачува енергијата преку ограничување на движењето и медитација. Тој, според локалните медиуми, им ги пренел овие техники на заглавените момчиња.