Бројот на смртни случаи од коронавирусот во Италија се искачи на 79. За 24 часа, пак, се пријавени 400 нови случаи со што бројот на заразени се искачи на 2,502.

Од овој број – 160 се излекувани, а 79 починале, со што бројот на активни случаи е 2.263, според официјалните податоци на италијанското Министерство за здравство.

Од вчера, бројот на починати е зголемен за 27.

Во Италија досега се тестирани 25.800 луѓе, од кои 10 отсто од тестовите се покажале позитивни. Околу 1.000 пациенти имаат благи симптоми и се во домашна изолација, 1.024 се на лекување во болница, а 229 се на интензивна нега.

80 проценти од заразените во Италија или имаат благи симптоми или се излекувани, а најризична група се повозрасните и луѓето со други здравствени проблеми. Најголемиот број од починатите се во оваа високоризична група.

Најголем број од случаите се во Ломбардија (1.500), а 10 од 11 градови во овој регион се во карантин. Во Ломбардија се регистрирани 55 смртни случаи.

Втор најзагрозен регион е Емилија-Ромања (420 заразени и 18 смртни случаи). Трет е Венето со 307 случаи и три смртни случаи.