Поранешниот директор на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Бренан го обвини претседателот на САД за обид за ограничување на слободата на говорот и за казнување на критичарите, поради одлуката да му забрани пристап до доверливи информации.

– Тоа треба да ги загрижи сите Американци, вклучително и разузнавачките професионалци, за цената што ја плаќаат кога ќе проговорат јавно. Моите принципи вредат повеќе од пристапот до информации. Нема да се повлечам, порача Бренан.

Трамп му забрани на Бренан пристап до доверливи информации, обвинувајќи го дека го злоупотребувал пристапот до нив и дека „сее хаос и поделби“ во американската Администрација.

Извори од Белата куќа инфромираа дека Трамп ќе им забрани пристап до доверливи информации и на некои други поранешни високи официјални претставници на американската Администрација, но нивните имиња засега не  се соопштени.