Европската Унија е обединета околу постигнатиот договор за брегзит, порача главниот преговарач на Унијата, Мишел Барние, откако британската премиерка Тереза Меј изјави дека сака повторно да преговара за спогодбата. Меј, како што наведува Би-би-си, се очекува да ги продолжи разговорите со Брисел, откако мнозинството пратеници завчера го поддржаа планот за нови преговори за нејзиниот договор за брегзит. Сепак, Барние истакна дека ЕУ се држи до постојниот договор за повлекување на Британија од Унијата.

– Институциите на ЕУ остануваат обединети и се држиме до договорот што го постигнавме со Британија – додаде Барние.

Засега, како што стојат работите, Британија треба да ја напушти ЕУ на 29 март, со или без постигнат договор за брегзит. Брисел и Лондон во изминатите 18 месеци преговараа за договорот за повлекување, но тој треба да биде одобрен и од британските пратеници за да стапи во сила. На почетокот од јануари, договорот на Меј доживеа историски пораз во парламентот, каде што 432 пратеници гласаа против спогодбата, додека, пак, истата таа ја поддржаа само 202 пратеници.

Британската премиерка вчера порача дека по најновото гласање и разговорите со ЕУ, евентуалниот изменет договор ќе биде изнесен пред парламентот што е можно побргу, за да може вторпат да се гласа. Но повеќе лидери на ЕУ сугерираа дека нема да има ревизија на договорот, а Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, порача дека ирскиот бекстоп е дел од договорот за брегзит и оти договорот не е отворен за повторни преговори.