Вулканот Мајон на Филипините

Вулканска активност на две локации во Далечниот Исток предизвикува страв кај локалното население на Филипините и во Индонезија. Вулканот на територијата на Филипините со името Мајон еруптираше двапати, исфрлајќи во воздух столбови од пепел во висина од 600 метри, во филипинската провинција Албеј, 330 километри југоисточно од главниот град на оваа држава Манила.

Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија соопшти дека во последните 24 часа е регистриран и земјотрес поврзан со активноста на Мајон. Научниците предупредуваат за опасност од моќна ерупција и истекување лава на падините на вулканот. Властите поставија зона на опасност во радиус од шест километри околу вулканот. Луѓето кои живеат во близина на опасната зона се советуваат да бидат внимателни. Мајон последен пат еруптираше на 13 јануари, принудувајќи над 80.000 жители на три града и шест села привремено да ги напуштат домовите. Вулканот, познат по совршениот конусен облик, се издига на височина 2.463 метри.

Вулканот Анак Крaкатау во Индонезија

По цунамито, можно е Индонезија повторно да се соочи со сериозна природна непогода. Властите во државата го кренаа највисокото можно ниво на аларм, по серија од ерупции на вулканот Анак Крaкатау, а сите летови кои го надлетуваат ова место се пренасочени да го избегнат вулканот. Сеизмолозите во Индонезија информираа дека вулканската активност може да се интензивира, па така радиусот на опасната зона околу Анак Кракатау е зголемена од 2 на 5 километри.

Покрај тоа што поради зголемената вукланска активност, 20 до 25 авионски летови беа пренасочени слично како во Филипините, властите во Индонезија предупредија дека постои можност за кратки и експлозивни ерупции кои исфрлаат лава. Инаку, во Индонезија моментално трае вонредна состојба поради саботното цунами, во кое најмалку 430 луѓе ги загубија своите животи, а по 150 уште се трага.