ФУДБАЛ
Членови на светските прваци Аргентина (мажи) и Шпанија (жени) и на европските шампиони Манчестер сити (мажи) и Барселона (жени) се во потесниот круг од по 30 кандидати за наградата „златна топка“ за најдобри во фудбалот за 2023 година во избор на францускиот магазин „Франс фудбал“.
Во машка конкуренција легендата на Аргентина, Лионел Меси (Интер Мајами) е на листата, заедно со своите сонародници Емилијано Мартинез (Астон Вила), Џулијан Алварез (Манчестер сити) и Лаутаро Мартинез (Интер). Од актуелните членови на Манчестер сити, пак, покрај Алварез, кандидати за наградата се и Ерлинг Холанд, Кевин де Брујне, Рубен Диас, Бернардо Силва, Родри и Јошко Гвардиол. „Франс фудбал“ оваа награда ја доделува од 1956 година. Меси е во трка и за зголемување на својот рекорд, на осум „златни топки“.
Во женска конкуренција, за признанието што се доделува од 2018 година, на листата се, на пример, Шпанките Алба Редондо од Леванте, Олга Кармона од Реал Мадрид, Аитана Бонмати, Патриша Гијаро, Мапи Леон и Салма Паралуело од Барселона, чија членка е и Фридолина Ролфо од Шведска.
Според најавите, победниците на 67-то издание на овој избор ќе бидат познати на 30 октомври. „Франс фудбал“ ќе додели награди и за најдобар млад фудбалер (првпат доделена во 2018 година) и за најдобар голман (првпат воведена во 2019 година).