Руската лизгачка Камила Валиева не успеа да настапи на очекуваното ниво на вчерашната слободна програма на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг, откако се најде среде допинг-скандал за време на Игрите, со што се смета дека врз неа се одрази притисокот на јавноста, засиленото медиумско внимание и големите очекувања. Таа заврши на четвртата позиција по настапот, со што не успеа да освои уште еден медал.
По настапот, Валиева во солзи го напушти мразот, а дополнително внимание привлече реакцијата не Етери Тутберидзе која е нејзин тренер, по излегувањето на руската лизгачка сензација од мразот.
– Зошто го испушти, објасни ми зошто? (мислејќи на првото место – н.з) Зошто престана да се бориш, зошто престана да леташ? Зошто престана да лизгаш по тој аксел? – кажа Тутберидзе во нејзината првична реакција до Валиева.
Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет, Томас Бах, на прес-конференференција во Пекинг, се осврна на реакцијата на Валиева по настапот, како и на постапувањето на нејзината придружба. Тој изрази жалење за, како што смета, нивниот студен однос кон лизгачката.
– Бев многу збунет вчера кога ја гледав Валиева во слободната програма. Видов настап на кој можеше да се види притисокот на нејзините раменици. Свесен сум за притисокот кој го има поради нејзината кариера, но ова беше над сѐ што можам замислам. Беше тешко да се види како пука на мразот, плаче и се обидува да ја заврши својата програма. Имаше огромен стрес во секое движење, што можеше да се види во нејзиниот говор на телото. Мислам дека само сакаше да замине од мразот и да остави сè зад себе – рече првиот човек на ИОК.
Придружбата на Валиева за време на Игрите не му влева доверба на Бах.
– Нејзиното опкружување не ми влева доверба. Без разлика што се случило или што ќе се случи во иднина, како е можно така да се однесувате со 15-годишна спортистка? Наместо да се обидат да и помогнат ѝ да ја утешат, тие беа ладни. Таа ја чувствуваше оддалеченоста на нејзиниот тренер, а презирот можеше да се прочита од говорот на нејзиното тело. Како може да се биде толку ладен кон својата спортистка – забележа Бах.
Валиева освои златен медал во тимскиот настап во ЗОИ на 7 февруари, но еден ден потоа беше откриено дека била позитивна на допинг на руското државно првенство во декември минатата година. Таа беше суспендирана од Руската антидопинг агенција, но суспензијата беше укината по нејзината жалба, што и овозможи да продолжи да се натпреварува на ЗОИ. Случајот беше предаден на Судот за спортска арбитража (ЦАС), кој во понеделникот, ден пред кратката програма, донесе одлука Валиева да продолжи да се натпреварува во Пекинг.
Трусова: Сите имаат златен медал, само јас немам, го мразам сето тоа
Тимската колешка на Валиева, Александра Трусова, исто така претставуваше повод за бурни реакции по нејзиниот настап на ЗОИ, бидејќи беше снимена со плачливо лице пред нејзиното појавување на подиумот за церемонијата за сребрениот медал освоен во Пекинг.
Наводно, се слушнало како Трусова вели „никогаш повеќе нема да излезам на мразот. Никогаш! Го мразам ова! Невозможно е! Не можете да го направите тоа на овој начин! Не одам по медал! Сите имаат златен медал! Само јас не! Го мразам сето тоа – биле зборовите на Трусова, чија реакција можеби се должи на разочарувањето поради тоа што не успеала да стигне до златното одличје.