Кипруто ја додаде титулата од Токио на оние што ги освои во Бостон во 2021 година и во Чикаго во 2022 година и стана петтиот најбрз маратонец на сите времиња, во трки одобрени од Светската атлетика (СА)

АТЛЕТИКА – МАРАТОН ВО ТОКИО

Кениецот Бенсон Кипруто (32) победи на машкиот маратон во Токио со време од два часа, две минути и 16 секунди, соборувајќи го стариот рекорд на патеката поставен од поранешниот светски рекордер Елиуд Кипчоге во совршени тркачки услови на улиците на јапонскиот главен град, пишува агенцијата „Ројтерс“.
Етиопјанката Сутуме Асефа Кебеде, пак, победи во трката за атлетичарки, пред бранителката на трофејот од Кенија, Розмари Ванџиру, со време од 2:15,55 часа, со што исто така го подобри најдоброто претходно време на патеката во Токио.
Кипруто се издвои од Тимоти Киплагат во последните неколку километри од трката и имаше 39 секунди пред својот сонародник за да ја додаде титулата од Токио на оние што ги освои во Бостон во 2021 година и во Чикаго во 2022 година.
Времето на победникот беше речиси две минути подобро од неговото претходно најдобро лично време, што го направи петтиот најбрз маратонец на сите времиња, во трки одобрени од Светската атлетика (СА).
– Многу сум среќен што остварив рекорд на патеката – рече Кипруто.
Со победата, Кебеде (29) го подобри нејзиното време од рекордот на Бриџид Косгеи во 2022 година, повеќе од две минути од нејзиното претходно лично најдобро време.
– Навистина сум среќна. Тоа беше многу тактичка трка. Сѐ помина добро и резултатот беше подобар од очекувањата – изјави Кебеде. Г.И.