Денковски, Богдановиќ и Стојчевски/Фото: ШФМ

Натпреварот беше организиран од Светската федерација на шаховски композиции, учествуваа решавачи од 26 земји, а се реализира на 42 различни локации во светот и беше поделен во три категории

МЕЃУНАРОДЕН НАТПРЕВАР ВО РЕШАВАЊЕ ШАХОВСКИ ПРОБЛЕМИ

Во рамките на 19-от Меѓународен натпревар во решавање шаховски проблеми (ИСЦ 2023), организиран од Светската федерација на шаховски композиции (ВФЦЦ) на вкупно 42 различни локации во светот, на натпреварот во Скопје учествуваа решавачи од 26 земји. Натпреварот беше поделен во три категории.
Турнирот секоја година се организира симултано во десетина држави на уште повеќе локации (во некои поголеми земји на две или повеќе места). Се решаваат истите проблеми и тие се бодуваат од локални судии (контролори), а целокупниот процес за сите земји го надгледува еден централен судија (контролор), кој ги избира проблемите, ги сумира и ги презентира резултатите, а потоа објавува табела со најдобрите учесници. Така, во првата категорија на локацијата во Скопје настапија најамбициозните решавачи на шаховски проблеми, втората категорија беше наменета за решавачи со рејтинг до 2.000 поени, во третата категорија можеа да се натпреваруваат деца до 13 години, а според податоците на организаторот на натпреварувањето на локацијата во Скопје, учествуваа вкупно 21 решавач, што ја вброи Македонија меѓу најмасовните учесници во светот.

Првата категорија се одржа во две кола со траење од по 120 минути. Предмет на решавање во секое коло беа по еден мат во два, во три, во повеќе потези, студија (неограничен број потези, до јасно добиена позиција), помошен мат и самомат, а победи искусниот ФИДЕ-мајстор (ФМ) и член на УО на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Зоран Стојчевски.
Втората категорија се одржа во две кола со темпо од по 120 минути. Предмет на решавање во првото коло беа по еден мат во два, во три, повеќепотег, студија и самомат мат, а во второто коло по еден мат во два, во три, повеќепотег, студија и помошен мат. Победи одличниот проблемист од Куманово, Јанчо Ѓорѓевски.
Во третата категорија за млади решавачи се решаваше едно коло со траење од 120 минути. Предмет на решавање беа четири двопотези, еден тропотег и една студија, а победи Илијана Велева од Свети Николе, членка на ШК Алкалоид.
Наскоро се очекува да бидат познати и конечните резултати од сите држави-учеснички. Судија на турнирот на локалниот разгранок во Скопје беше македонскиот проблемист Иван Денковски, кој е судија на ФИДЕ во решавање, а наградите на најдобрите им ги предаде претседателот на ШФМ, Саша Богдановиќ. Г.И.