Музејот во Детроит, кој како дел од изложбата на 80 дела на Винсент ван Гог изложи слика од 1888 година што е предмет на спор околу сопственоста, смета дека не треба да се вовлекува во овие сопственички спорови. Детроитскиот институт за уметност објави дека, според американскиот федерален закон, има имунитет од тужба на бразилски колекционер што тврди дека е сопственик на сликата на Ван Гог.
Во тужбата се тврди дека компанијата „Брокерејт капитал партнерс“ и нејзиниот единствен сопственик Густаво Сотер од Бразил ја купиле сликата пред шест години за 3,7 милиони долари, но дека „трета страна“ добила право на сопственост на делото.
Музејот во Детроит не е обвинет за прекршување на законот. Музејот јавно не го откри идентитетот на колекционерот што му ја позајмил сликата за изложбата на Ван Гог, велејќи само дека маслото на платно потекнува од колекција во Сао Паоло, Бразил. Судот му нареди на музејот да ја задржи сликата
– Сликата не е на списокот на украдени уметнички дела на ФБИ или на Меѓународниот регистар на изгубени уметнички дела – соопшти музејот и додаде дека тие се заштитени со федерален закон што забранува судот да ги конфискува уметничките дела увезени за привремени изложби.
Адвокатот на музејот во писмена изјава нагласи дека секое легитимно барање за сликата може да се реши во спор меѓу заинтересираните страни во суд што е надлежен за такви работи и на соодветно место. Окружниот судија Џорџ Карам Стих минатата недела му нареди на музејот да ја задржи сликата додека се очекуваат дополнителни детали за спорот.