Срѓан Ѓоковиќ не го следи денешниот полуфинален меч на Австралија опен во кој неговиот син Новак Ѓоковиќ игра против Американецот Томи Пол, по бурната реакција во светската јавност на неговото фотографирање со навивачи во Мелбурн кои носеа руски симболи што се забранети на тенискиот гранслем-турнир.
По средбата на српскиот тенисер и Русинот Андреј Рубљов во четврт-финалето, Срѓан Ѓоковиќ беше фотографиран во друштво на навивачи, кои имаа руски симболи, додека еден од присутните беше облечен во маица со симболот „З“.
Таткото на деветкратниот шампион на Австралија опен излезе со соопштение и најави дека денешниот меч нема да го следи од трибините.
– Тука сум само за да го поддржам мојот син. Немав намера да предизвикувам такви наслови и немири. Бев надвор со навивачите на Новак како и после секој натпревар кога ги славам неговите победи и се фотографирав со нив. Не ми беше намерата да се вклучам во сето ова. Моето семејство помина низ ужасот на војната и сите ние само сакаме мир. Ќе го гледам натпреварот од дома – најави Срѓан Ѓоковиќ.
Австралискиот премиер, Ентони Албанезе, утринава ја повтори силната поддршка на Австралија за Украина и ги критикуваше поддржувачите на руската инвазија, откако на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како таткото на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ позира со навивачите со симболи „З“ на „Австралија Опен“.
Како што јави „Ројтерс“, полицијата испрашувала четворица навивачи кои „имале несоодветни знамиња и симболи“ по натпреварот меѓу Рубљев и Ѓоковиќ.
– Австралискиот народ стои со украинскиот народ. Ова е ставот на Австралија, кој недвосмислено го поддржува меѓународното право – рече Албанезе на прес-конференцијата откако новинар го праша дали Срѓан Ѓоковиќ, таткото на славниот тенисер, треба да биде депортиран од Австралија.
– Не сакаме да видиме каква било поддршка за руската инвазија на Украина, која има разурнувачки ефект врз украинскиот народ – рече Албанезе, избегнувајќи конкретен одговор на прашањето. Срѓан Ѓоковиќ не одговори на истрагата на „Ројтерс“ за инцидентот.
Новак Ѓоковиќ моментно има брејк предност против Томи Пол во првиот сет. Победникот од овој меч, ќе се сретне со Гркот Стефанос Циципас во финалето на Австралијан опен в недела. Циципас претходно беше подобар од Русинот Карен Хачанов со 3-1 во сетови, во првото полуфинале.