Георгиевски со тренерите Дарко и Борче Костовски во Белград

Секако не запираме тука, веќе следната недела Георгиевски ќе настапи на Г1-турнирот во Тирана и тоа ќе претставува нова можност за освојување нови поени, вели селекторот Борче Костовски

ТАЕКВОНДО – Г1-ТУРНИР ВО БЕЛГРАД

Најдобриот македонски таеквондист и освојувач на сребрен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година, Дејан Георгиевски (категорија над 87 кг), постигна одличен успех на меѓународниот турнир „Галеб Белград трофеј“, од серијата Г1, освојувајќи ги второто место и сребрениот медал.
Георгиевски во финалниот дуел на овој турнир во Белград беше минимално поразен со 1-2 од шпанскиот претставник Иван Мартинез. Претходно Георгиевски беше поуспешен од Германецот Роберт Манеа и од Шпанецот Андре Перез.
– Добар настап беше тоа на Георгиевски. Штета што не победи во финалната борба, оти тој противник од кој загуби, досега трипати го совлада во кариерата. Второто место на Георгиевски му донесе и нови седум поени за пласман на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година. Но за мене неговиот настап, а не медалот, е тоа што ни треба во иднина. Секако не запираме тука, веќе следната недела Георгиевски ќе настапи на Г1-турнирот во Тирана и тоа ќе претставува нова можност за освојување нови поени. Првото место на овие турнири носи 10 поени, а третото три. Сепак, чекор по чекор треба да се движиме кон зацртаната цел – вели тренерот на ТК Бутел и селектор на македонската таеквондо-репрезентација, Борче Костовски.
На турнирот во Белград настапија над 750 натпреварувачи од повеќе држави. Г.И.