Петар Заборски

КАРАТЕ
Заборски и Спасеновски на Премиер-лига во Казабланка

Македонските каратисти и репрезентативци Петар Заборски и Петар Спасеновски од КК Макпетрол ќе настапат на последниот турнир од светската Премиер-лига за 2024 година, кој ќе се одржи од утре до недела во Казабланка (Мароко). Заборски ќе се натпреварува во тежинската категорија до 75 кг, додека Спасеновски во категоријата до 84 кг.
На турнирот ќе настапат 32-та најдобри поединци во секоја категорија од ранг-листата на Светската карате-федерација (ВКФ). Пријавени се 381 натпреварувач од 60 држави. По турнирите во Париз, Анталија и Каиро, најквалитетните каратисти во Мароко ќе се борат за медал, но и за престижната титула – севкупен победник во своите категории.
Освојувачите на овие титули во следната натпреварувачка сезона на престижната Премиер-лига на своите кимона ќе носат златен вез што ќе го симболизира нивниот голем успех. Светската карате-федерација објави и дека мечевите во живо ќе се пренесуваат и ќе можат да се следат на јутјуб-каналот на ВКФ. Г.И.


ФУДБАЛ

Германецот Флик е нов тренер на Барселона

Досегашниот тренер на бундеслигашот Баерн Минхен, Ханси Флик, е новиот тренер на Барселона. Германецот потпиша договор со каталонскиот прволигаш до јуни 2026 година. Тој е само третиот германски стратег што ќе седне на клупата на Барселона, но прв по 41 година, односно по Удо Латек.
Флик пред Баерн Минхен ги водеше Викторија Баментал и Хофенхајм, а потоа стана селектор на Германија. Сепак, немаше успех со репрезентацијата оти беше елиминиран во групната фаза на Светското првенство (СП) во Катар.
Флик, кој ја освои тројната круна со Баерн Минхен во 2020 година, доаѓа на местото на Шпанецот Чави Ернандез, кој доби отказ од управата на клубот. Прославениот фудбалер на Барселона лани не успеа да го освои домашното првенство, но го стори тоа претходната сезона, кога ја врати Барселона на победничкиот трон по четиригодишна пауза. За речиси три години минати во Барселона, Чави покрај титула во Ла лига, триумфира уште во Купот на Шпанија. Г.И.