ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА И ФИС-КУП
На првенство на Македонија и на ФИС-купот на Попова Шапка учествуваа натпреварувачи од Македонија, Србија, Бугарија, Грција и од Романија. На национално ниво за распределба на медалите се земаа предвид само резултатите на македонските сноубордисти
На Попова Шапка се одржа првенство на Македонија во сноуборд и ФИС-куп за 2023 година, во организација на Скијачката федерација на Македонија (СФМ), Меѓународната скијачка федерација (ФИС) и сноуборд-клубот ХМКД, со учество на натпреварувачи од Македонија, Србија, Бугарија, Грција и од Романија, во олимписката дисциплина велеслалом во машка и во женска конкуренција. На национално ниво за распределба на медалите се земаа предвид само резултатите на македонските сноубордисти.
Во категоријата девојчиња до 10 години победи Бела Зарапчиева, кај момчињата до 10 години Димитар Кацарски и до 14 години Евгениј Ристевски. Во женска конкуренција триумфира Ева Башоска, втора беше Сања Спасовска, а трета Неда Добреска, меѓу девет натпреварувачки. Во машка конкуренција најбрз беше Александар Кацарски, втор е Томас Дебаловски, а третото место го освои Бојан Андонов, во конкуренција на 13 учесници.
– На државното првенството на Попова Шапка, од нашиот клуб Скопје, кој е млад, формиран пред две години, учествуваа шест натпреварувачи, Томас Дебаловски, Миа Џагора, Бела Зарапчиева, Јован Јовановски, Марко Николовски и Према Нарајан Садиковиќ, под менторство на тренерот Томас Дебаловски. Натпреварите од ваков карактер се пожелни и корисни за натпреварувачите да се одржуваат низ целата сезоната повеќе пати, со што би се кренал овој спорт на повисоко ниво, како и повеќе да се информира за овој спорт, а со тоа и да се создаде многу поголем интерес меѓу младите сноубордисти, посебно кај децата до 10 години – вели тренерот и активен натпреварувач на клубот Скопје, Дебаловски. Г.И.