Шахот е игра за сите, впрочем тоа е една од главните карактеристики на древната игра што ја издвојува од другите спортови. Шахот го играат и стари и млади без граници. Сакам да потенцирам дека турнирот во Вајк ан Зе само покажа дека и врвниот шах се подмладува со голема брзина, што е добар знак, едноставно значи дека има иднина, вели Зоран Стојчевски, член на УО на Шаховската федерација на Македонија, за турнирот што го именуваат и како „Вимблдон“ во шахот, а го споредуваат со тениските гранслеми, во скијањето со познатите спуст-патеки во Венген и во Кицбил, во скијачките скокови со новогодишните „Четири скокалници“, со трите велосипедски грантур-трки…, според силината, значењето, престижот…
СПОРЕД АКТУЕЛНОСТА, СИЛИНАТА, ЗНАЧЕЊЕТО, ПРЕСТИЖОТ…
Шаховскиот турнир во холандскиот град Вајк ан Зе, каде што моментно се игра мошне квалитетен турнир, на кој учествува и актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, е еден од најсилните, престижни и најстари шаховски турнири во светот.
Почнувајќи од 1937 година (со исклучок во 1945 година, кога не е одржан), турнирот до 1967 година се одржувал во градот Бевервијк, а од наредната година се префрла во Вајк ан Зе. Годинава, турнирот го слави јубилејното 85-то издание, а според неговиот квалитет е познат и како турнир што го именуваат и како „Вимблдон“ во шахот, а го споредуваат со тениските гранслем-турнири Австралија опен во Мелбурн, Ролан Гарос во Париз, Вимблдон во Лондон и САД опен во Њујорк, во скијањето со познатите спуст-патеки во Венген и во Кицбил, во скијачките скокови со новогодишните „Четири скокалници“ во Обестдорф, Гармиш Партенкирхен (двете во Германија), Инсбрук и во Бишофсхофен (двете во Австрија), со трите велосипедски грантур-трки, Џиро д’Италија, Тур де Франс и шпанската Вуелта…
НАЈПРЕСТИЖЕН ТУРНИР
– Според квалитетот на шахистите што настапиле, за мене Вајк ан Зе е насилниот и најпрестижен турнир во историјата, а по него би ги додал Линарес во Шпанија и Капела Гранде во Италија, од кој третиот е повеќе врзан за вториот шаховски ешалон, но, исто така, многу масовен и занимлив, посебно за талентираните играчи. Кога бев млад, секако дека посакував да учествувам барем еднаш во Вајк ан Зе, но сега тоа им го посакувам на македонските талентирани надежи, односно некој од моите ученици, како на пример репрезентативците Емил Ристески, Никола Николовски, Антон Златков или Андреј Велјаноски, да ги одмери силите со најсилните шахисти, со текот на времето. Годинава турнирот по просекот на возраста е најмлад во досегашната историја, со што само ја потврдува тезата дека шахот е игра и за деца – вели истакнатиот македонски шаховски тренер Орце Данчевски.
За квалитетот на турнирот во Вајк ан Зе доволно говори што на него настапиле меѓу другите и поранешниот светски првак, Индиецот Вишванатан Ананд, а во минатото и Макс Еве, Бент Ларсен, Тигран Петросијан, Лајош Портиш, Борис Спаски, Михаил Ботвиник, Михаил Таљ, Виктор Корчној, Јан Тиман, Анатолиј Карпов, Васил Иванчук, Владимир Крамник, Гари Каспаров, Веселин Топалов, Сергеј Карјакин и многу други имиња што нешто значат и значеле во шаховскиот свет.
ШАХОТ Е ИГРА ЗА СИТЕ
– Шахот е игра за сите, впрочем тоа е една од главните карактеристики на древната игра што ја издвојува од другите спортови. Шахот го играат и стари и млади, без граници… Сакам да потенцирам дека турнирот во Вајк ан Зе, како еден од најквалитетните во историјата, само покажа дека и врвниот шах се подмладува со голема брзина, што е добар знак. Едноставно, значи дека тој има иднина – потенцира Зоран Стојчевски, член на Управниот одбор (УО) на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ).
Други турнири што имаат призвук како овој во холандскиот Вајк ан Зе се, меѓу другите, и турнирите во Лондон (првиот се одржал во 1851 година), потоа во Баден Баден (1870-та), Хастингс (1895-та), Меморијал Михаил Таљ, турнирот во Дортмунд, а тука, секако, е и шпанскиот турнир во Линарес (од 1978 г.), на кој во 1992 година настапиле најдобрите 10 шахисти во светот во тој момент, што само ја дополнува тежината на шаховските турнири и како да се стигне до првото место, што секако претставува огромен успех, со оглед на нивната долга историја и традиција.
– Со оглед на тоа дека е традиционален и еден од најсилните турнири во шаховската историја, секако дека има големо значење, што ја покажува и гледаноста на неговите партии во живо преку интернет. Понатаму, за мене, за истакнување се и силните турнири во Дортмунд и во Цирих. Да се игра на ваков турнир, секако, е многу важен елемент од процесот на развој на секој шахист, кој секако има претензии да влезе во најдобрите десет на светот – вели селекторот на македонската машка шаховска репрезентација, велемајсторот (ВМ) Трајко Недев. Г.И.