Себастијан Коу / Фото: ЕПА

АТЛЕТИКА

Светската атлетика (СА) објави дека ќе стане првата меѓународна федерација што доделува парични награди на олимписки игри, наградувајќи ги атлетичарите за освоен златен медал, почнувајќи од Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава, пишува СА. Атлетичарите што ќе освојат златен медал на секој од 48-те настани во Париз ќе добијат по 50.000 долари.
– Воведувањето парични награди за освојувачите на златни олимписки медали е клучен момент за СА и за атлетиката како целина, нагласувајќи ја нашата посветеност за зајакнување на спортистите и признавање на клучна улога што ја играат во успехот на кои било олимписки игри. Ова е продолжение на патувањето што го почнавме во 2015 година, а според кое сите пари што ги добива СА од Интернационалниот олимписки комитет за олимписки игри директно да се враќаат во нашиот спорт. Почнавме со исплатата на олимписката дивиденда на нашите федерации-членки, со кои дистрибуираме дополнителни пет милиони долари годишно, како додаток на постоечките грантови за проекти за раст на атлетиката, а сега сме во позиција да финансираме и освојувачи на златни медали во Париз, со посветеност да ги наградиме сите медалисти на ЛОИ 2028. Иако е невозможно да се стави пазарна вредност на освојувањето олимписки медал, или на посветеноста и фокусот што се потребни да ја претставувате вашата земја на олимписки игри, мислам дека е важно да почнеме од некаде и да се погрижиме дел од приходите генерирани од нашите спортисти на ЛОИ да им се враќаат на оние кои ги прават Игрите глобален спектакл каков што се – рече претседателот на СА, Себастијан Коу. Н.М.