На ЕП играат вкупно 388 шахисти/ки од 42 држави, а ќе се играат 11 кола
ШАХ
Македонскиот велемајстор (ВМ) Евгени Романов (2.584 рејтинг-поени, рангиран 54-ти пред почетокот на турнирот) е единствениот македонски претставник на 24. поединечно Европско првенство (ЕП) во шах во Петровац (Црна Гора). По две кола, првата табла на македонската репрезентација оствари две победи, прво го совлада ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Украина, Валентин Хулка (2.259, рангиран 248. пред ЕП), а потоа и ИМ од Србија Теодора Ињац (2.429, рангирана 153-та). Во третото коло, вчера, Романов беше пред голем предизвик, оти со бели фигури требаше да игра против првиот фаворит на ЕП, ВМ од Словенија Владимир Федосеев (2.712). Вкупно 175 шахисти почнаа со по две победи.
Од досегашните европски шампиони во Петровац играат Украинецот Васили Иванчук (победи во 2004 година), Русинот Александар Мотилев (2014-та), Хрватот Иван Шариќ (2018-та) и Германецот Матијас Блубаум (2022-та). Титулата од лани од ЕП во Врњачка Бања (рекордни 484 учесници, 11 кола) ја освои рускиот ВМ Алексеј Сарана, кој во меѓувреме се регистрира за Шаховската федерација на Србија, но сега не е дел од турнирот. Во Македонија двапати досега се одржа вакво ЕП. На второто ЕП по ред, во Охрид во 2001 година (203 учесници, 13 кола) победи ВМ од Израел Емил Сутовски, а на 20-то, во Скопје во 2019 година (361 учесник, 11 кола) славеше ВМ од Русија Владислав Артемиев.
На ЕП 2024 играат 388 шахисти од 42 држави (најмногу од Турција 41), од кои 119 ВМ, 3 ЖВМ, 81 ИМ, 8 ЖИМ, 71 ФМ, 7 ЖФМ. Победникот ќе биде познат по 11 кола, со стандардно време за размислување и еден слободен ден (по шестото коло). Г.И.