Голем број брачни двојки се пронајдоа токму преку шаховската игра, а повеќето од нив се и многу силни шахисти и шахистки

ЦРНО-БЕЛИТЕ ПОЛИЊА СЕ ПОВЕЌЕ ОД ИГРА

Женскиот велемајстор (ЖВМ) Атоуса Пуркашијан и Хикару Накамура е најновиот брак во шаховскиот свет. Тие неодамна ја објавија својата венчавка и со тоа се приклучија на листата на истакнати шаховски двојки што стапиле во брак. Со оглед на нивното ниво на игра, тие сигурно се блиску до врвот на неофицијалната рејтинг-листа во двојки.
Шахот ги поврзува луѓето. Голем број двојки веќе се пронајдоа преку шахот, а некои од нив се многу силни играчи. Сега има нова шаховска двојка, Хикару Накамура и Атоуса Пуркашијан го објавија својот брак. Пуркашијан е Иранка, родена во Техеран, во 1988 година, а шах игра уште од детството. Во 2000 година таа стана светска шампионка за девојчиња до 12 години. Помеѓу 2005 и 2014 година таа седум пати го освои првенството на Иран за жени, а во 2009 година ја доби титулата женски ВМ. Во 2010 година триумфира на првенството на Азија. Помеѓу 2000 и 2016 година, таа настапи на сите девет женски шаховски олимпијади за репрезентацијата на Иран, а ги бранеше боите на Иран седум пати и на женското екипно првенство на Азија. Таа играше четири пати и на женското Светско првенство (СП) по нокаут-систем, но на секое беше елиминирана во првата рунда. Пуркашијан настапи неколку сезони во женската Бундес-лига за тимот на Хамбургер, последната во 2016/2017 година.
Како и многу други силни машки и женски шахисти, таа го напушти Иран и се пресели во САД, а од 2022 година и официјално фигурира во Шаховската федерација на САД.
Нејзиниот сопруг, Американецот Хикару Накамура е една година постар и моментално е втор на светската ранг-листа, зад неприкосновениот Карлсен. На 15 години Накамура стана најмладиот ВМ на САД, надминувајќи го рекордот на славниот Роберт Фишер за три месеци. Накамура триумфира на првенството на САД пет пати, а играше и на ШО, освојувајќи едно злато и две бронза со репрезентацијата. Накамура е актуелен светски првак во „Шах 960“, односно т.н. Фишеров шах. Тој се смета за еден од најсилните ВМ со забрзано темпо на игра, вклучувајќи го брзиот т.н. блиц-шах. Тој се натпреваруваше во претходните циклуси за пласман на СП, но двапати не успеа да триумфира на Турнирот на кандидати за предизвикувач на светскиот првак.
Од почетокот на пандемијата, Накамура сè повеќе ги префрла своите шаховски активности на интернет и е еден од најуспешните шахисти во светот играјќи онлајн. По двегодишно апстинирање од турнирите, тој направи успешно враќање во 2022 година. Г.И.


Македонски шаховски бракови

И во македонскиот шах, древната игра била една од главните причини за запознавање, а потоа и склучување брак. Во оваа пригода ќе спомнеме неколку: Димитар и Велика Илиевски, Ристо и Лидија Кизови, Милчо и Шенка Балтоски, Венци и Катерина Попови, Орце и Наташа Данчевски, Бранко и Павлина Пауновски, Владимир и Александра Кизови и други што со својата игра оставиле посебен печат на шаховската табла…


Неколку познати шаховски бракови

Александар Гришчук и Катерина Лагно
Аниш Гири и Сопико Гурамишвили
Ричард Рапорт и Јована Војиновиќ
Павел Трегубов и Александра Костењук
Пентала Харикришна и Надежда Стојановиќ
Роберт Маркуш и Ана Сребрениќ
Улф Андерсон и Жизела Фишдик
Даниел Фридман и Ана Затонски
Јан Густафсон и Елисев Репен
Алина и Ервин л’Ами
Питер Нилсен и Викторија Кмилите
Радослав Војташек и Алина Кашлинскаја
Мохамад ал-Модијахи и Жу Чен
Моника и Бартош Соцко
Хуан Лопез и Пиа Крамлинг
Суат и Екатерина Аталик
Јасер Сеираван и Ивет Нагел
Мигел Илескас и Олга Александрова
Бу Ксијанџи и Хуанг Чиан
Хичем и Адина Хамдучи
Џон Нан и Петра Финк Нан
Иван Чепаринов и Антоанета Стефанова