Денеска на програмата е деветтото коло, по кое ќе се знаат новите шампиони

ШАХ – ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА

Отвореното првенство на Македонија во шах, кое се игра во Скопје, влегува во својата завршна фаза, се одиграа партиите во седмото коло, во кое играчите на ШК Алкалоид имаа забележителни настапи. На првата табла, веќе три кола во низа, дуелите што се дерби на колото завршуваат со поделба на поенот, па така беше и во партијата помеѓу ФМ Андреј Велјаноски (2.290 рејтинг-поени) и ИМ Филип Панчевски (2432). Панчевски се одлучи за Сицилијанска одбрана, но иако имаше мала позициска предност во почетокот, сепак, не беше доволно прецизен во натамошниот тек и понуди реми, кое противникот го прифати. Изненадувањето на денот се случи на втората табла, каде што ИМ Емил Ристески (2.365) загуби од Антон Златков (2.257), па дојде до нивна ротација на врвот и сега Златков е водечки на табелата.
На третата табла ИМ Тони Лазов (2.358) освои цел поен во дуелот со Горан Главинац (1.993) и се врати во водечката група шахисти на две кола до крајот на првенството. Членот на ШК Алкалоид се соочи со Петрова одбрана, која води кон таканаречена Руска партија, чија репутација е дека води кон реми-позиција. Поради тоа ИМ Лазов направи транспозиција во отворањето со четири скокачи, па откако двајцата влегоа во изедначена средишница, успеа да спроведе стратегија и позициски да го надигра противникот. Неговиот белополен ловец од најслаба фигура на таблата, поради пионите кои, исто така, беа на бели полиња, по неколку маневри стана клучен за плетење матна мрежа, а на крајот Лазов понуди жртва на топ, кога ривалот одлучи дека е време да се предаде. Стојан Велкоски (2.016) и Филип Михов (2.225), кои потекнуваат од младинскиот погон на македонскиот најтрофеен клуб, ремизираа во своите дуели со ветераните, ФМ Љубомир Илиќ, односно Миле Трајковски (1.719), со што имаат по 4,5 бода на своето салдо и се на делба од 9-то до 18-то место.

На првенството за шахистки, ЖИМ Габриела Коскоска (1.993) ја прекина победничката низа на Леа Ефтовска (1.797), која блескаше во првиот дел од турнирот. Откако во претходните дуели со ривалките за висок пласман Коскоска имаше црни фигури, овој пат таа ја имаше предноста на почетниот потег и успеа да ја претвори во победа, со која изби на чело на табелата. Повеќекратната шампионка, членка на ШК Алкалоид има шест бода од седум кола, а следуваат Ефтовска и Моника Жежовска (1.868) со по 5,5 поени.
Позначајни резултати, 7. коло, опен: ФМ Велјаноски – ИМ Филип Панчевски реми, АФМ Антон Златков – ИМ Емил Ристески 1-0, ИМ Тони Лазов – Горан Главинац 1-0, ФМ Дејан Динев – ФМ Роберт Велески реми, ИМ Никола Николовски – ФМ Александар Кралевски 1-0, Миле Трајковски – Филип Михов (2.225) реми итн. Табела: АФМ Златков 6, ИМ Лазов, ИМ Панчевски и Велјаноски сите со по 5,5 поени…
Позначајни резултати, 7. коло, жени: Бонита Јакимова – Моника Жежовска (1.868) 0-1, Кајла Брнс – Инџи Ајрадиноска 0-1, ЖИМ Габриела Коскоска – Леа Ефтовска 1-0, Елисавета Брнс – Драгана Николовска 0-1, Наде Смилевска – Лиле Аларова реми итн. Табела: ЖИМ Коскоска 6, Ефтовска и Жежовска со по 5,5 поени… Г.И.