Нешто помалку од половина од билетите чинат 50 евра или помалку, а со пакетите за три настани се од 72 евра. „Навистина сакаме ЛОИ 2024 да ги направиме првите ’Игри широко отворени‘ и целосно сме посветени на овој концепт“, рече Тони Естанге, претседател на организацискиот комитет на Игрите во Париз
Организаторите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година објавија дека секој во светот ќе може да аплицира за билети од утре, во нов пристап за издавање билети за ЛОИ, според кој, билетите ќе можат да се добијат од една платформа низ целиот свет.
– Навистина сакаме Париз 2024 да ги направиме првите „Игри широко отворени“ и целосно сме посветени на овој концепт – рече Тони Естанге, претседател на организацискиот комитет на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година.
Официјалните лица открија детали, објаснувајќи дека ждрепката за билети ќе биде отворена за сите низ светот во фази од утре до 31 јануари 2023 година. Околу 10 милиони билети за ЛОИ и 3,4 милиони за Параолимписките игри (ПОИ) ќе бидат достапни на онлајн платформата, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Првпат во историјата на Олимписките игри билетите ќе се продаваат исклучиво на единствена, централизирана и дигитална платформа, која ќе биде отворена за сите во исто време – пишува во соопштението на организаторите, пренесува АП.
Среќните добитници на билетите ќе можат да ги купат своите билети од февруари в година. Нешто помалку од половина од билетите чинат 50 евра или помалку, а со пакетите за три настани се од 72 евра.
– Фактот што можете да направите сопствен пакет е дизајниран за да се избегне непојавување на настанот, што се случува откако луѓето ќе купат пакет за одредена сесија и ќе им бидат предадени две сесии за кои не се заинтересирани – вели Демиен Ражо, шеф за продажбата на билети, пренесе „Ројтерс“.
Тие пакети ќе претставуваат околу 80 отсто од продадените билети, а другите 20 проценти ќе бидат продадени во мај во форма на единечни билети.
– Овие билети ќе бидат за церемониите за отворање и за затворање и за премиум-сесиите, како што се финалето на 100 метри во атлетика и во пливање, или финалето во кошарка, на пример – рече Мајкл Алоизио, шеф на кабинетот на Естанге.