Професорот Мирослав Бошковиќ своевремено беше активен атлетичар, сега е најголем хроничар на македонската атлетика. Тој беше член на атлетскиот клуб Вардар, со кој стигна до третото место екипно на државниот крос во Аранѓеловац, во 1971 година. Бошковиќ беше судија на Универзијадата во Загреб во 1987 година, на балканските кросови во Скопје во 1969 и 2003 година, на Европското првенство во планинско трчање на Водно и на Скопскиот маратон

Една личност има посебно место во македонската атлетика. Своевремено беше активен атлетичар на Вардар, настапуваше и за репрезентацијата на Македонија, а потоа продолжи како судија. Сепак, најзначајно е што тој е вистински хроничар на настаните, евидентичар на резултатите и на рекордите.
Луѓето од атлетскиот свет веднаш ќе сфатат дека се работи за професорот Мирослав Бошковиќ. Тој е еден од оние ретки ентузијасти што мирно и без нервоза ги средуваат резултатите од многубројните атлетски дисциплини, па, така, благодарение на неговата педантност, на крајот од секоја календарска година, тој како на дланка ни ги сервира буквално сите постигнувања. Се разбира, рекордите имаат приоритет и, доколку ги има, веднаш ги бележи во рекордерската листа и не дозволува да се загубат, зашто ако се случи тоа, се губи и континуитет во македонската атлетска историја.
– На времето, кога бев активен атлетичар, педантно ги водев резултатите од сите трки во кои учествував. Потоа продолжив да ги бележам и сите постигнувања на атлетичарите на АК Вардар, клубот во кој во 1960-тите години и јас се зачленив, а потоа си реков зошто тоа да не го правам и за сите македонски атлетичари. Тогаш, за евиденцијата да биде целосна, почна моето истражување на минатото. Така дојдов до многу интересни податоци и резултати. Од тие мои навраќања на годините по Втората светска војна, ќе наведам и еден пример, кој навистина ме импресионира. Во оскудната архива пронајдов оти професорката Бистрица Крањец Миркуловска била најсестраната атлетичарка, со рекордни постигнувања во повеќе дисциплини. Потоа, дојдов и до многу други имиња, кои се наоѓаат во мојата документација – вели Бошковиќ.

СЛУЧАЕН ВЛЕЗ ВО АТЛЕТИКАТА

На она што е највредно од документацијата на професорот ќе се навратам и подоцна. Сега сакам да го опишам моментот како тој дојде во атлетиката, која, како што вели, стана составен дел на неговиот живот.
– Во младешките години ме привлекуваа спортовите со топка, па никогаш не помислив дека може да се случи да станам атлетичар. Меѓутоа, она што те очекува во иднината никогаш не можеш да го предвидиш точно. Си мислиш на едно, но ќе се појави нешто друго и сѐ така додека не дојде оној момент кога конечно ќе се одлучиш за нешто поконкретно. Таков беше случајот со мене. Иако не размислував за атлетиката, по инсистирање на еден мој другар од училиштето, кој веќе тренираше во АК Вардар, и јас се најдов во клубот. Но не дојдов веднаш, услов беше прво успешно да ја изработам писмената задача по математика. Откако успешно го направив тоа, за да го исполнам ветувањето кон мојот другар „влегов“ во атлетиката. Така и јас, како многу други момчиња и девојки, се најдов во соблекувалната на АК Вардар, која беше под старата јужна трибина на Градски. Инаку, да кажам дека не бев некој талент, што се виде и на училишните кросови, на кои секогаш бев меѓу челните, но во втората група. Првите тренинзи ми беа низ паркот, од стадионот до пумпата (која беше во близината на Руска плажа) и назад. Тоа беше една делница од околу четири-пет километри, што за почеток беше доволно. Но не беше само трчањето, имаше вежби за разлабавување, па трчање на одредени кратки делници по неколкупати, во зависност од тоа како е испланиран тренингот од големиот стручњак Ѓорѓи Нечев, кој беше дојден од Бугарија. Интересно беше што и неговата сопруга се занимаваше со спортот, па таа стана тренер на одбојкарите на Вардар – вели Миро.
Бошковиќ најмногу го привлекуваа средните патеки, но според потребите на клубот, кој постојано се бореше со АК Работнички за екипната титула во Македонија, настапуваше и на пет и на десет километри.
– Постоеше голем ривалитет помеѓу двата клуба, затоа кога тренерот ќе го објавеше составот на екипата, сите молчевме и прифаќавме да настапиме, дури и во некоја дисциплина што не ја посакуваме. Но за боите на клубот бевме подготвени да се „жртвуваме“, па така, иако не ја сакав делницата од 10 километри, сепак морав да трчам – вели тој.

ТРЕТИ ВО ЈУГОСЛАВИЈА

Најголемиот екипен успех, во кој свој придонес имаше и Мирослав Бошковиќ, беше освоеното трето место на државното првенство во крос во Аранѓеловац, во 1971 година.
– Интересно е дека на кросот отпатувавме во последен момент. Тогашните тренери во клубот Миле Пеповски и Симе Георгиевски се колебаа дали да настапиме, сметајќи дека немаме некои големи шанси за висок пласман. Но, на крајот, иако не бевме пријавени навреме, јас и уште тројца атлетичари отпатувавме за Аранѓеловац. Организаторите беа изненадени кога ја поднесовме пријавата за настап, зашто прелиминарна пријава од клубот немаше. Сепак, одговорната од АСЈ за реализација на кросот, познатата атлетска функционерка Олга Ациќ (семејните корени ѝ беа од Тетово), ни дозволи да учествуваме во трката, во која на крајот бевме трети. Тоа беше изненадување дури и за нас, зашто во Аранѓеловац повеќе отпатувавме да ги измериме силите со другите тркачи и да видиме до каде сме, а ете, на крајот, бевме трети, што остана најдобар сениорски екипен пласман на Вардар во поранешна Југославија – вели Бошковиќ.
Овој резултат зазема посебно место во архивата на Бошковиќ, во која се среќаваат и имињата на повеќе атлетичари од тој период. Така, прелистувајќи ги страниците во неговата архива, се потсетивме на извонредниот Зоран Тасевски, кој на 100 метри имаше резултат од 10,6 секунди. Тој ја предводеше и штафетата на Вардар 4 x 100 метри, која триумфира на младинското првенство на Југославија во Скопје. Во неа беше и Панев, кој беше одличен тркач на 200 метри. Оваа двојка, пак, заедно со Терзиев и со Карер (рекордер на Македонија во скок со стап), беше прва и во една штафетна трка на 4 x 400 метри на шампионатот одржан во Цеље. Љупчо Трајчев, пак, беше одличен фрлач на копје, и заедно со гореспоменатите, беше во составот на репрезентацијата на Југославија за двомечот со Италија во Ливорно. Во истата дисциплина и тетовецот Михајло Крстевски стигна до титула и репрезентативниот дрес, а неговиот клупски другар Дончо Коевски неколку години беше најбрз Македонец. И Прилеп имаше свои ѕвезди во Славица Конеска и Соња Мицеска…

СИТЕ АСОВИ НА ЕДНО МЕСТО

Споменавме неколку имиња, меѓутоа во архивата на Бошковиќ се сместени сите асови на едно место. Тука се оние првите шампиони од повоените години Лазо Милошевски, Чедо Шаревски, Мемо Сулејманов, Љубиша Трбоевски, Свето Петровиќ, потоа подоцнежните репрезенти на македонската атлетика Елица Змејкова, Зоран Михајлов, Сотир Гавриловски, братот и сестрата Нада и Ристо Павлови, Јанко Јакимовски, Милош Буцевски и Ѓорѓи Вучков, за да дојдеме до Вера Велјановска, која беше меѓу најбрзите Југословенки, двапати беше прогласувана за најдобар спортист на Македонија. По неа, од битолската атлетска школа се појави и Стевче Георгиевски, кој стана балкански првак во крос, а имаше медал и од Балканијадата во Солун. Посебно место има и Исмаил Мачев, кој беше четврти на СП во атлетика во Токио, во 1991 година, со југословенската штафета 4 x 400 метри.
– Резултатите на сите овие атлетски асови се регистрирани и забележани во мојата архива. Тука се и имињата на Сокол Сачевски и Никола Маџаровски, а посебно место заземаат Елизабета Божиновска-Вучкова и Марина Михаилова-Дамчевска, две големи шампиопнки и освојувачки на медали од балканските шампионати и Медитеранските игри. Марина, пак, остана како последна рекордерка во седмобој во поранешната држава. Накратко, секој што се појавил на атлетските борилишта е регистриран во мојата евиденција. И во годините подоцна, последната декада од минатиот и двете од овој век, секој има свое место кај мене. Нив може да ги споменеме во некоја следна пригода, зашто сеќавањата на нивните настапи сѐ уште се свежи – вели Бошковиќ.
Мирослав Бошковиќ, поранешниот атлетичар, сега и хроничар на сѐ што се однесува на македонската атлетика, создава едно историско дело што ќе остане за навек, да ги потсетува идните генерации на имињата што беа вткаени во кралицата на спортовите. Тој и натаму е во атлетиката, како судија речиси на сите приредби во Македонија. Инаку, во кариерата беше судија на Универзијадата во Загреб (1987 година), на два балкански кроса во Скопје, на Европското првенство во планинско трчање на Водно и на европските трки на 10 километри за мажи и жени во Скопје.


Мирослав Бошковиќ

Роден: во 1950 година, во Титов Велес (сега Велес)
Кариера: АК Вардар и репрезентацијата на Македонија
Успеси: освоено трето место екипно со Вардар на првенство на Југославија во крос во 1971 година, во Аранѓеловац
Функционер: член на повеќе комисии во АФМ, активен меѓународен атлетски судија